Американците му порачаа на Пјонгјанг да не се заканува
7 март 2013Советот за безбедност на ОН едногласно ја донесе резолуцијата за заострување на санкциите против Северна Кореја. Казнените мерки се насочени, меѓу другото, против севернокорејските дипломати и финансиските трансакции на изолираната земја. Освен тоа, на црна листа се ставени осомничените трговци на оружје со Пјонгјанг.
За ваквиот текст на резолуцијата претходно САД постигнаа согласност со Кина, еден од последните сојузници на Северна Кореја. Санкциите се реакција на меѓународната заедница на тестирањето ракета со долг дострел од страна на Пјонгјанг во декември минатата година и на подземниот атомски тест во февруари годинава. Советот за безбедност во денешната резолуција изрази „сериозна загриженост“ и се закани со „натамошни мерки“ доколку Северна Кореја повторно изврши тест на нуклеарно оружје.
Претходно, Пјонгјанг им се закани на Американците со превентивен нуклеарен напад доколку бидат заострени санкциите против земјата. Портпарол на министерството за надворешни работи на Северна Кореја изјави дека земјата би можела да го искористи правото на превентивен напад против „главниот штаб на агресорите“, поради тоа што, како што се вели, САД подготвувале атомска војна против Северна Кореја.
Реакцијата на Вашингтон на ваквите закани на Пјонгјанг се дека „со тоа не се постигнува ништо“. Американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс изјави: „Северна Кореја нема да постигне ништо ако продолжи да се заканува и да провоцира. Тоа само ќе води во натамошна изолација на земјата и нејзиниот народ и ќе ги поткопува меѓународните напори за мир и стабилност во североисточна Азија.“