1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анановите предлози за реформи на ОН

22 март 2005

Коментар на Клаус Даман

https://p.dw.com/p/ActF
Кофи Анан го очекува жестока борба за реформите на ОН
Кофи Анан го очекува жестока борба за реформите на ОНФотографија: AP

Генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан ги повика сите влади во светот за најширока реформа на светската организација во нејзината 60-годишна историја. Суштинско прашање според него е проширувањето на Советот за безбедност. Германија со амбиција да добие место на постојана членка во ова тело. Реформата „како пакет„ би можела да биде усвоена на самитот на ОН во септември.

Предлозите на комисијата за реформи се на маса од ноември, Анан содржински не соопшти ништо ново, подеднакво како и за најчувствителната тема: проширувањето на Советот за безбедност. Тој смета дека се можни два модела без да спомне конкретни кандидати за дополнителните места. Нема да биде поделено ниту правото на вето на петте големи: САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина. Кофи Анан застана зад најмалиот заеднички именител за кој владее консензус: целта е да се избрише сенката на студената војна што се уште го прекрива Советот за безбедност. Со други зборови, да се ослаби позицијата на победничките сили со зголемување на местата во него. Мислењата како да се изведе тоа се различни. Постои група држави кои посакуваат постојано место: Германија, Јапонија, Индија и Бразил. Во втората група се оние што токму тоа сакаат да го спречат: Италија, Пакистан и Мексико. Обете групи го застапуваат својот модел за проширување, а неопходното двотретинско мнозинство го немаат ниту едните, ниту другите. Ако Анан се изјасни за еден од двата модела мора да страхува дека ќе се најде меѓу мелнички камења. Тој со право се жали што во битката за седишта во Советот за безбедност, другите предлози за реформи се најдоа во сенка. Кога зборува за визионерски пресврт за светот, во прва линија мисли на поголем ангажман во битката против сиромаштијата и заштитата од зарази, подобри стратегии за обезбедување на мирот и спроведување на човековите права. Во предлогот за реформи се наоѓаат уште три точки кои го заслужуваат поимот „револуционерни„: прво, конечно да заврши долгиот спор околу поимот „тероризам„. Во комисијата за реформи е постигната согласност за дефиниција што во иднина ќе обезбеди да се избегнат постојаните кавги околу резолуции, посебно за Блискиот исток. Второ, треба јасно да се регулира прашањето за воени интервенции: спорните самостојни настапи без мандат на ОН, како во случајот на Ирак, стриктно ќе бидат одбивани, па не е чудо што САД жестоко се противат. И трето, треба да се укине гротескната комисија за човекови права во која седат сите – значи и диктаторски режими, па никој не може да биде ставен на тапет. На нејзино место треба да се формира помал Совет за човекови права. Според тоа, има доволно експлозивен материјал. Што се ќе прозилезе во септември од документот што го заслужува името „реформи„ не е сигурно, но барем постои надеж.

Клаус Даман