1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш го именуваше спорниот Болтон за американски амбасадор во ОН

2 август 2005

По повеќемесечно натегање околу именувањето американски амбасадор во ОН, претседателот Џорџ Буш пресече – користејќи ја привилегијата што му ја дава уставот на земјата го заобиколи Сенатот и со декрет, на таа функција директно го именуваше Џон Болтон. Именувањето на Болтон е правно коректно, но политички спорно.

https://p.dw.com/p/AclM
Џон Болтон
Џон БолтонФотографија: dpa

Џорџ Буш го презентираше Џон Болтон како свој посакуван кандидат за амабсадор во ОН уште во март годинава, откако еден месец претходно од тоа место си замина претходниот амбасадор, поради лични причини. Но, Сенатот го блокираше именувањето на Болтон и местото на САД во Њујорк оттогаш е празно:

“Америка повеќе од шест месеци е без постојан амбасадор во ОН: Оваа функција е премногу важна за да може и натаму да биде игнорирана, особено во времиња на војна и енормно важна реформа на ОН:“

Затоа Буш ја искористи привилегијата од уставот, врз основа на која претседателот на земјата има право да именува важни функционери, ако, како што тоа сега е случај, Сенатот е на одмор. Претседателот му изрази целосна доверба на Болтон – тој е вистинскиот човек за спроведување на неопходните реформи во ОН. За опозицијата,пак, Болтон е човек што политички е начнат и поради неговите критички изјави за ОН во минатото, тој е оптоварување во односите на Америка и светската организација. Болтон, непосредно по именувањето од страна на Буш, рече:

“Сакаме посилни и поефективни ОН, кои ќе се држат до идеалите на основачите на организацијата и ќе бидат доволно агилни за да можат да работат како што треба и во 21 век. Привилегија е да се дејствува како адвокат на американските вредности и интереси во ОН.“