Во Косово 96 лица осомничени за екстремизам
13 август 2014Со оваа бројка, не се опфатени околу сто луѓе, за кои се претпоставува дека учествуваат во борбите во Сирија и Ирак. Медиумите во Приштина пренесуваат дека засега се знае оти во досиејата на обвинителството вкупно 96 лица се осомничени оти се вклучени во групи кои организираат заминување во војна во Сирија.
Приштинскиот дневен весник „Коха диторе“ наведува дека во следните денови се очекува апсење на уште најмалку 20 луѓе осомничени исто така за тероризам и учество во борбите во Сирија и Ирак, како дел од организациите „Исламска држава“ и „Ал Нусра“, кои всушност се прогласени за терористички.
Меѓу осомничените има и неколку имами од Приштина, Гњилане и Митровица, за кои постои сомневање дека имаат директни врски со овие терористички организации и дека поттикнуваат омраза, регрутираат лица за борба како дел од терористичките организации и оти направиле други кривични дела.
Поранешниот косовски министер за полиција Блерим Кучи, зборувајќи за исламскиот радикализам и учеството на косовски Албанци во борбите во Сирија и Ирак директно го обвини Хашим Тачи и Демократската партија на Косово дека се одговорни за тоа. Тој обвини дека оваа партија е во коалиција со екстремисти со чии гласови била прва на изборите.
„Сигурен сум дека МВР на Косово одамна има детални информации за се’ што прават екстремни струи во Косово. Прашањето е – зошто МВР не делуваше веднаш кога имало доверливи информации“, запраша Кучи. „Сепак, одговорот е јасен, бидејќи во МВР и во Владата на Косово има лица кои се директно или индиректно поврзани со тие екстремисти, а Тачи имаше потреба за нивни гласови. Сега со оглед дека е под силен меѓународен притисок, треба да преземе мерки против оние кои му дадоа гласови, а тоа се екстремистите“, додаде Кучи.
Во меѓувреме, Основниот суд во Приштина се’ уште не донесе одлука за продолжување на притворот на 40 уапсени лица осомничени за екстремизам.