Deutschland Palästinenser
17 септември 2011Доколку Палестинците сепак се решат да поднесат барање за признавање на независна држава во ООН, нема да можат да сметаат со поддршка од Германија. Канцеларката Ангела Меркел уште во мај годинава во присуство на израелскиот премиер Банјамин Нетанјаху изјави: „Не веруваме дека еднострани чекори можат да бидат од помош“.
Партиите на опозицијата во повеќе наврати го критукуваат толку раното определување на германската влада околу ова меѓународно-политичко прашање. Ролф Мицених, одговорен за надворешна политика во редовите на собраниската група на опозициската Социјалдемократска партија, за Дојче веле изјави: „Жалиме поради ваквата прерана определба. Со тоа беше спречено развивање заедничка позиција во рамките на ЕУ, а исто така владата си ја одзеде можноста да изврши притисок врз Израел да се врати на преговарачка маса.“
Дипломатска „зделка“
Во меѓувреме германската влада зад кулисите вложи напори за изнаоѓање сепак на некоја заедничка позиција на Европејците. Можеби на крајот ЕУ ќе се договори да поддржи подобрување на статусот на палестинските автономни власти од сегашниот „набљудувачки“ на статус на „земја-не членка“. Тоа е поврзано со одредени услови. Значи, палестинските власти треба да се откажат од барањето за членство во ОН како суверена држава, а за возврат ќе им се понуди подобрениот статус, кој за сега го има добиено само Ватикан. Тој подразбира автоматски пристап до сите одбори и комисии на ООН, како и право на поднесување тужби пред Меѓународниот кривичен суд. На ваквата дипломатска трампа би се согласила и германската влада, доколку од текстот на резолуцијата не може да се изведе право на државен суверенитет.
Поделена Европа
Европа до сега е длабоко поделена околу можното признавање на палестинска независна држава. Земји како Белгија, Шпанија или Португалија се подготвени да ја поддржат сувереноста на Палестинците. Чешка, Холандија и Германија, од друга страна, се категорично против. Франција и Велика Британија, како земји со право на вето во Советот за безбедност, уште не се изјасниле дефинитивно. А САД веќе најавија дека ќе стават вето на барањето на Палестинците во Советот за безбедност.
Израел, пак, се закани со дипломатски противмерки доколку Палестинците едногласно прогласат независност. Израел ќе ги прекине сите постојни договори со палестинските автономни власти, што може да има далекусежни финансиски последици. И американскиот Конгрес се закани со укинување на сите видови помош за Палестинците, доколку не се откажат од барањето во ОН. И мировните преговори би се одложиле во недоглед.
Опасен развој
Германската влада смета дека таквиот развој на настаните би можел да има повеќе драматични последици. Влошувањето на материјалните услови за палестинското население може да доведе до несакана ескалација. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле порача: „Мораме да внимаваме да не влеземе во многу опасен ќорсокак на Блискиот Исток. Да не ни се случи ситуација со голем ризик од ескалација.“
Опозицијата во Бундестагот се сложува со ваквата позиција, но потсетува и на повеќегодишниот застој во мировните преговори и непопустливиот став на израелската страна наспроти помирливите сигнали на палестинското раководство. „Видовме дека палестинската страна беше подготвена на прифаќање на максималистичките барања на Израел. Затоа сметам дека најавите на Палестинците за едностран чекор пред ОН се само натамошно средство за притисок за повторно да се седне на преговарачка маса“, оценува Ролф Мицених од СПД.
Нова меѓународна изолација
Експертот за блискоисточни прашања Михаел Лидерс, пак, стравува од нова изолација на германската политика во арапскиот свет. „Германија по втор пат годинава се изолира во нејзината политика. Прво таа гласаше против ангажманот на НАТО во Либија, а сега се изјаснува и против основањето палестинска држава во овој миг.“
Во секој случај чекорот на палестинските автономни власти во ОН ќе добие голема поддршка од германските граѓани. Поддршка за создавање суверена палестинска држава меѓутоа не можат во овој момент да очекуваат и од германската влада.
Автор: Даниел Шешкевиц / Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска