1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Го бараа в планини, а Караџиќ живеел и работел во Белград

Зоран Јордановски22 јули 2008

Караџиќ в затвор чека на израчување на трибуналот во Ден Хаг. Две верзии за начинот и времето на неговото апсење. Во меѓувреме е обелоденето дека под лажен идентитет живел и работел во Белград, држел и јавни предавања.

https://p.dw.com/p/EhcZ
Караџиќ работел како лекарФотографија: AP

Официјалните српски власти изнесоа малку подробности за самата акција, под образложение дека не сакаат да ги откријат сите оперативни сознанија, оти трагаат по уште двајца обвинети - Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ. Според Владимир Вукчевиќ, српски обвинител за воени злосторства, Караџиќ бил уапсен синоќа во вечерните часови. „Акцијата започна вчера попладнето. Инаку, неговото лоцирање траеше веќе извесно време. Според тоа, сите шпекулации за информација доставена од некои странски тајни служби се неточни. Акцијата е изведена успешно, со најмал безбедносен ризик“, рече Вукчевиќ на прес-конференција во Белград. Тој извести и дека Караџиќ слободно се движел во градот и се појавувал во јавноста.

Караџиќ многу вешто го скривал идентитетот

Расим Љајиќ, претседател на Националниот совет за соработка со Хашкиот трибунал, вели дека Караџиќ имал мрежа од помагачи кои биле следени и уапсени во близина на Белград при преместувањето од една на друга локација. „Радован Караџиќ користел лажен идентитет и лажни документи на име Драган Дабиќ. Бил многу уверлив во скривањето на својот идентитет, а за тоа зборува и фактот дека работел во приватна лекарска ординација и се занимавал со алтернативна медицина, така заработувал пари“. Според Љајиќ, Караџиќ не е државјанин на Србија.

Исполнети услови за израчување на Караџиќ на судот во Хаг

Истражниот судија, како што, информира Вукчевиќ, веќе донесол решение дека се исполнети условите за израчување на Караџиќ на судот во Ден Хаг. Караџиќ бил сослушуван во текот на ноќта, но главно се бранел со молчење. Според законската процедура, сега тој има право на жалба во рок од три дена.

Адвокатот на уапсениот навести дека жалбата ќе биде поднесена на последниот ден од законскиот рок. „Не мислам дека ќе биде усвоена, но ќе им ја нарушам концепцијата, оти планираа да го израчат денеска или утре“, рече адвокатот Светозар Вујачиќ. По поднесената жалба Судот во рок од три денови донесува решение на кое нема можност за жалба. Конечна одлука за израчување донесува српското минстерство за правда.

Караџиќ бил уапсен уште во петокот?!

Инаку, Вујачиќ тврди дека официјалната верзија за апсењето не е точна, туку Радован Караџиќ бил уапсен уште во петокот навечер во автобус на градскиот превоз. Ни тој, ниту Караџиќ не знаат кој го уапсил, притоа му била ставена шапка на главата, а очите му биле врзани. Три дена бил чуван во мала просторија, но не бил изложен на тортура. Според адвокатот, Караџиќ не бил во контакт со политичари, немал обезбедување и живеел сам. Луѓето со кои работел немале поим за кого всушност станува збор.

Радован Караџиќ денеска имал едночасовна посета од брат му Лука. Сопругата и ќерката на Караџиќ имаат дозвола да го посетат, но меѓународните власти во БиХ не им дозволуваат да ја напуштат Босна, оти тие имаат само привремени лични документи.

Караџиќ држел и јавни предавања!

Лука Караџиќ тврди дека Радован не престојувал само во Белград, туку и во други места во Србија и Босна. Во Белград работел како биоенергетичар под име Драган Давид Дабиќ, држел предавања и соработувал во списанието „Здрав живот“, што е од таму е потврдено. Дабиќ, односно Караџиќ држел предавање во мај на фестивал за здрав живот во Белград, како и во декември во Смедерево.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема