1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската криза и реформата на ОН: теми на разговорите Фишер - Рајс

9 јуни 2005
https://p.dw.com/p/Acp1
Фишер и Рајс на заедничката прес конференција во Вашингтон
Фишер и Рајс на заедничката прес конференција во ВашингтонФотографија: AP

На вчерашниот разговор на шефот на германската дипломатија Јошка Фишер со шефицата на американскиот Стејт департмент Кондолиза Рајс доминираа две клучни теми: кризата во ЕУ по негативното изјаснување на граѓаните за Европскиот устав во Франција и Холандија, како и реформата на ООН со барањето на Германија за место на постојаната членка во проширениот Совет за безбедност.

Политичките цунами што ја потресоа Европа по референдумите во Франција и Холандија очигледно биле забележани од другата страна на Атлантикот. Не е ни чудо, бидејќи светската супер сила има свои стратешки интереси на „стариот континент„ како што е стабилизирањето на Балканот и потесното поврзување на Турција и Украина во европските структури. Затоа на заедничката прес-конференција во Вашингтон, шефицата на Стејт департментот, Кондолиза Рајс посочи:

„Му реков на министерот Фишер дека претседателот Буш јасно стави на занење уште во Брисел оти ние си посакуваме и ни е потребен силен европски партнер. Но, исто така и дека точниот пат кон европското обединување секако мора да биде определен од страна на Европејците!„

Нејзиниот колега по функција, Јошка Фишер на оваа тема за ДВ пак во Вашингтон изјави:

„Секако дека сега се наоѓаме пред нови предизвици и останува да видиме во која мера во иднина националните егоизми ќе избијат во преден план. Но, ЕУ има голем интерес како за зачувувањето на мирот на Балканот, така и што се однесува до перспективата на Украина и Белорусија, ние сме заинтересирани таму да се развива демократијата, пазарното стопанство и заштитата на човековите права. Во тој смисол ние не можеме да се повлечеме од нашата одговорност пред историјата.„

Втората од двете клучни теми на разговорите беше реформата на ООН. Шефицата на американската дипломатија не сакаше прецизно да се позиционира околу барањето на Германија за место на постојана членка во Советот за безбедност.

„Единствената земја што ја поддржуваме без задршки што се однесува до приемот во Советот за безбедност е Јапонија. Тоа е поврзано со нејзината важна улога во азискиот регион, но и во ОН. Повеќе од тоа за сега не сме определиле дефинитивно.„

Вчера групата четири држави кои се поддржуваат взамено за влегување во Советот за безбедност, Германија, Јапонија, Бразил и Индија, објавија нацрт резолуција во која се предлага проширување на Советот за 6 нови постојани членки и четири ротирачки. За да добие подобри шанси за реализација, во нацртот уште се предлага новите постојани членки да го стават во мирување нивното право на вето во наредните 15 години.