ЕУ министрите за развој за зголемување на помошта за Пакистан
25 октомври 2005На дводневната средба во британскиот град Лидс, министрите за развојна помош разговараат и општо за начинот како да се остварат зацртаните милениумски цели на ОН.
Повеќе пари, повеќе шатори и хеликоптери за Пакистан – околу тоа беа согласни министрите за развојна помош на ЕУ на нивната неформална средба во Лидс. Координаторот на хуманитарната помош на ОН, Јан Игеланд, извести дека во загрозеното подрачје веќе стигнале околу 120.000 шатори, но дека се неопходни уште натамошни 190.000 за да се спречи најлошото. Што се однесува до финансиската помош, меѓународната заедница ветила 500 милиони долари, кои во најголем дел доаѓаат од исламските земји како Саудиска Арабија, Арапските емирати и Кувајт. Тоа овозможува да се интензивира работата на 100-те хуманитарни организации кои се активни во Пакистан. Според неговата проценка отстранувањето на последиците на катастрофалниот земјотрес ќе трае 5 до 10 години.
Британскиот министер за развојна помош Хилари Бен неодамна го посети погодениот регион и им поднесе извештај на колегите од преостанатите 24 членки на ЕУ.
„Главниот предизвик е брзото наближување на зимата. Температурите опаѓаат, паѓаат веќе и првите снегови. Постои реален ризик по земјотресот да бидеме сведоци на втора катастрофа со голем број жртви, ако не ни појде од рака доволно брзо да изградиме привремени објекти за сместување или пак да ги евакуираме луѓето од критичните подрачја.„
Според Бен владата на Пакистан во соработка со ОН би требало под итно да изработи план како да се евакуираат големиот број лица без покрив на главата од непристапните планински региони на Пакистан.
На неформалната средба во Лидс, меѓутоа, не стануваше збор само за помошта за Пакистан, туку и за општата ситуација на полето на развојната помош. Оваа година имаше повеќе иницијативи и ветувања како од Групата Г-8, така и од ОН и ЕУ за отпишување на долговите за најсиромашните земји во развој и за зголемување на развојната помош. Сега е дојдено време тие ветувања и конкретно да се остварат. Според домаќинот на средбата, британскиот министер за развојна помош Хилари Бен, ЕУ мора и понатаму да игра водечка улога на ова поле во светот. ЕУ имено и до сега даваше 55% од сета развојна помош во светот.
„Европа има водечка улога во светот кога станува збор за зголемување на развојната помош. Тоа значи дека земјите во развој ќе добијат повеќе пари за образование на децата, за подобрување на здравствената мрежа, како и за обезбедување чиста вода за пиење. Само со чиста вода можеме да го намалиме бројот на оние деца, кои не го доживуваат ни својот петти роденден.„
Земјите на ЕУ се надеваат дека Светската трговска организиација на средбата во декември решавачки ќе ги подобри условите за извоз на производи од неразвиените земји во богатите, индустриски. Во тоа е впрочем клучот на натамошниот развој на земјите од југот на Планетата. На ова поле во ЕУ решителен отпор за намалување на субвенциите за аграрот доаѓа од француската влада, која се заканува дури со минирање на новата рунда трговски разговори, само и само да ги заштити интересите на нејзините земјоделци.