ЕУ очекува мирни избори на северот на Косово
16 ноември 2013Агенцијата Бета, повикуваќи се на неименувани извори во Европската комисија, јавува дека Белград, ЕУ, но и приштинските власти посакуваат избор на Срби за градоначалници на северот на Косово, затоа што во спротивно е политички и практично неизводливо создавање на Заедница на српски општини.
Од ЕК се укажува дека и косовскиот премиер Хашим Тачи во интервјуто за британски „Гардијан“ нагласил дека учеството на косовските Срби на повторените избори во северна Митровица е „од животна важност за мировниот договор на Косово и Србија“. Тачи додал дека „Косово не е загрозено од интергацијата на Србите, туку е загрозено ако Србите не се интегрират“.
Во Брисел се истакнува дека косовската полиција, ЕУЛЕКС, а ако затреба и КФОР, утре ќе преземат благовремени и решителни мерки за да се спречат заплашувања и инциденти. На забелешката дека косовската полиција и ЕУЛЕКС реагирале неумесно и доцна и морале да ги повикаат војниците на КФОР за на 3. ноември да се спречат заплашувања и насилство, соговорниците на Бета во Брисел укажуваат на изјавата на шефот на ЕУЛЕКС, Бернд Борхарт, дека мисијата на ЕУ темелно ги „разгледала поуките“ од тие настани и подготвила јасен план за повторените избори во северна Митровица да бидат мирни и слободни.