Започнува светскиот самит на ОН - консензус околу завршниот документ
14 септември 2005о последен момент е постигнат компромис околу завршниот документ што треба да им биде поднесен на учесниците на Светскиот самиот, иако многумина ќе бидат разочарани од него.
Компромисниот предлог-документ на 35 страници, до кого е дојдено по тринеделни жилави преговори, зафаќа редица проблеми – од намалувањето на гладот во светот, преку борбата против тероризмот, до реформата на самите ОН. Но, тој во многу пунктови содржи само начелни формулации, оти немаше согласност за подробностите.
Генералниот секретар на светската организација Кофи Анан призна дека текстот заостанува зад целите што тој ги постави, но оспорува оти самитот со тоа веќе доживеал неуспех. Согласноста за текст што обезбеди консензус е „успех“ и „важен чекор напред“, смета Анан.
САД искажаа голема мера на задоволство од документот: „Тоа не е стопроцентна победа, но е добар почеток“ – оцени државниот секретар во Министерството за надворешни работи Николас Барнс. Вашингтон вршеше притисок, покрај другото, за порадикална реформа на ОН. Преговорите околу завршниот документ западнаа во ќорсокак кога токму САД поднесоа предлог за стотици промени во првобитниот текст, а членовите на групата 77 ги презентираа своите ривалски предлози.
Задоволство изрази и британскиот амбасадор во ОН Џонс Пери, а рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Јаковенко предлог-завршниот документ го оцени како „солиден“.
Голема реформа веќе не е можна, со оглед на разликите спроти почетокот на самитот, смета германскиот амбасадор во ОН Гунтер Плојгер: „Текстот сигурно не ги исполнува сите очекувања на делегациите во однос на резултатите од овој самит, но документот го рефлектира она што е можно да се договори меѓу 191-на земја членка“ – рече Плојгер.
Во изминатите денови се стравуваше дека воопшто нема да биде поднесен завршен документ. Посебно паѓа в очи дека во текстот нема никакви ставови за разоружување и борба против ширењето на оружје за масовно уништување. Кофи Анан тоа го означи како „срамота“. САД и другите атомски сили не сакаа да се обврзат на конкретни чекори за намалување на своите сопствени арсенали, што го бараа другите држави. Текстот е магловит и во однос на сузбивањето на тероризмот. Преговарачите не се усогласија околу дефинирањето на тероризмот. Инаку, документот предвидува востановување Комисија на ОН за консолидација на мирот, која треба да им помогне во стабилизирањето на држави кои доживеале тешки конфликти. Планирано е и востановување Совет на местото на дискредитираната Комисија за човекови права. Одложени се сите решенија околу реформа на Советот за безбедност, за чие проширување силно се ангажираше Германија.
Повеќе организации за човекови права искажаа разочарување. За Хјумен рајтс воч компромисот претставува „енормна пропуштена можност за човековите права и за ОН“. Според Амнести интернешенел, домументот не нуди „ни минимум централни елементи“, за да се дојде до поефикасно тело на ОН за заштита на човековите права.
Документот треба да биде усвоен со акламација в петок на крајот на светскиот самит. Мамутската конференција, означувана и како „Милениум плус 5“ треба да сведе меѓубиланс на реализацијата на таканаречените милениумски цели на светската организација од 2000-та година за сузбивање на сиромаштијата. Во предлог-документот се потврдува важноста на тогаш поставените цели, меѓу другото и за преполовување на гладот и екстремната сиромаштија до 2015-та година.