1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заседава Комитетот против измачувања на ОН

11 мај 2004
https://p.dw.com/p/AdDK

На заседанието на Комитетот на ОН за иследување на измачувања, што во Женева заседава се до 21. мај, можно е да стане збор и за најновите случаи во Ирак. Тоа би било и логично, зашто задачата на овој Комитет на Светската организација е токму да испита дали земјите членки се придржуваат до обврските што ги презеле со потпишување на Конвенцијата на ОН против измачување на затворениците. Меѓу потписничките се и САД и Велика Британија.

Дефиницијата е јасна: секое нанесување телесни или душевни повреди заради изнудување признание или некаква изјава претставува измачување. Државите потписнички на Конвенцијата на ОН против измачување се должни да ги заштитат сите лица во нивна надлежност од каков и да е облик на измачување, а секој прекршок соодветно да го казнат. Сето ова стои во Конвенцијата што стапи на сила од 1987. година, откако ја ратификуваа 134 држави. Комитетот во Женева има за задача да проверува дали земјите членки се придржуваат на преземените обврски.

“Ова тело е составено од 10-мина експерти, кои ги предлагаат државите членки, а кои треба да помогнат во примената на Конвенцијата. Тие меѓутоа немаат моќ на судска инстанца и не можат да ги принудат државите на ништо. Но, затоа можат да објавуваат соопштенија и извештаи, кои вршат притисок врз владите на одделни земји“ - оценува шефот на Женевското здружение за превенција на измачување, Марк Томсен.

Начинот на работа на Комитетот е прецизно регулиран: одделни земји и самите поднесуваат извештаи, кон тоа експертите од Комитетот можат да примаат и извештаи од поединци или од невладини организации, кои располагаат со соодветни информации. На крајот 10-темина експерти ги проверуваат сите пристигнати информации и заземаат свој став. Меѓу земјите, кои годинава ќе се најдат на дневниот ред според планот се наоѓа и Германија. Но, експертите на Комитетот имаат право и да го изменат дневниот ред и да разгледуваат вонредни случаи. Нешто што би било легитимно да се стори, со оглед на актуелните обвиненија против САД и Велика Британија за измачување на ирачки затовреници:

“Бидејќи обете, и САД и Велика Британија, ја ратификуваа Конвенцијата, таа важи во овој случај, иако Ирак не спаѓа меѓу потписниците. Окупационите сили го наметнуваат и нивниот правен систем и затоа се одговорни според него за се што се случува во Ирак“ - посочува Марк Томсен.

Дали 10-те експерти ќе се решат да ги разгледуваат актуелните обвинувања против САД и Велика Британија е се уште нејасно. Процедурата за нивната работа предвидува одлучување со нонсензус, а меѓу нив има една Американка, од една, и по еден Русин и Кинез, од друга страна. Сосема е можно сценариото, според кое рускиот и кинескиот претставник ќе побараат испитување на ирачките случаи, а американскиот ќе се спротистави. Но, Томсен топло им препорачува на Американците да не го прават тоа овој пат, туку да ја прифатат расправата – како знак на политичка волја да се расветлат сите обвинувања за измачување на ирачките затвореници.