Истокот на Либија под контрола на бунтовниците
26 февруари 2011Противниците на режимот во Либија очигледно ја имаат контролата над истокот на земјата. Само уште во градот Мисрата има вооружени судири меѓу противниците и приврзаниците на режимот на Моамер Ел Гадафи, јавуваат светските агенции повикувајќи се на изјави на сведоци. Трупите на либискиот лидер според непотврдени информации освен главниот град Триполи, целосно ги контролираат уште и градовите Гадамеш, Себха и родното место на Гадафи, Сирте. Очевидци јавуваат дека во Триполи во моментов е главно мирно, по жестоките судири во текот на ноќта.
Синот на Гадафи, Саиф ал Ислам вчера повторно правеше пропаганда. Во телевизиско интервју тој вети политички промени. За барањата на демонстрантите има решенија, истакна Саиф ал Ислам меѓутоа од друга страна порача дека неговото семејство има само еден план: Ние ќе живееме и ќе умреме во Либија“ .
Истовремено синот на лидерот Гадафи се закани дека со офанзива на армијата повторно ќе биде воспоставена контролата на државата во истокот на земјата.
САД воведоа санкции
Меѓународната заедница од друга страна натамошно го зголемува притисокот врз семејството Гадафи. САД одлучија да воведат еднострани санакции кон Либија, со кои се блокираат сметките и трансакциите на семејството на Моамер Гадафи и на неговите најблиски соработници, со цел „да се заштитат средствата што им припаѓаат на жителите на Либија . Воведувањето на санкциите во писмено соопштение ги објави претседателот Барак Обама кој уште истакна дека продолжувањето на насилството и безредието (во оваа земја) претставува „дирекна закана“ за националната безбедност и надворешната политика на САД. Во исто време, американскиот Стејт департмент ги демантираше информациите дека Вашингтон ги прекинал дипломатските односи со Либија.
Бан: Губењето време значи загуба на животи
Со оглед на растечкото насилство во Либија , време е Советот за безбедонст на ОН да преземе конкретни мерки за заштита на граѓаните во земјата порача генералниот секретар на Светската организација, Бан Ки-мун за време на вчерашното заседание на Советот посветено на состојбата во оваа северноафриканска земја.
Оние кои со бруталност пролеваат крв на недолжни, мора да бидат казнети истакна Бан, додавајќи:
„Време е за конкретни активности на Советот за безбедност. Часовите и деновите што претстојат ќе бидат одлучувачки за Либијците и нивната земја со еднакво важни импликации за поширокиот регион. Во вакви услови губењето време значи загуба на животи“ , порача Бан.
Тој нагласи дека Советот за безбедност треба да размисли за воведување трговски и финансиски санкции кон режимот на либискиот водач Моамер Гадафи, како и ембарго за увоз на оружје. Таква предлог резолуција веќе доставија Велика Британија и Франција и се очекува за неа Советот да гласа во наредните денови.
Автор: Ралф Шауф/Кристина Бергман/ Симе Недевски/миа
Редактор: Борис Георгиевски