Конечно декларација на ОН за Сирија
21 март 2012Советот за безбедност на Обединетите нации усвои денеска необврзувачка декларација во врска со случувањата во Сирија.
Во документот се изразува поддршка за напорите на специјалниот пратеник на ОН Кофи Анан да договори прекин на насилството во земјата и се повикуваат сириските власти и бунтовниците да ги прифатат предлозите на Анан.
Советот за безбедност и‘ се закани на Сирија со „натамошни чекори“, доколку одбие да се усогласи со предлогот на Кофи Анан, кој предвидува објавување на примирје, политички дијалог меѓу режимот и опозицијата и целосен пристап на хуманитарните организации до населението во регионите погодени од конфликтот.
На владите на 15-члениот Совет им беше даден рок до 13 часот по Гринич да ги изнесат своите забелешки во однос на документот.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно на маргините од своите разговори во Берлин со претставници на германската влада истакна дека во декларацијата мора да бидат содржани услови за почеток на политички дијалог.
Кина и Русија претходни одбија резолуција во која се врши еднострана осуда на властите во Сирија.