1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупција на високо-образовните институции во БиХ

29 септември 2008

Акцијата на универзитетот во Загреб за откривање на корупција, беше повод, студентите од БиХ да проговорат дека и тие се соочуваат со истиот проблем. Но, дали БиХ може да ја искорени корупцијата на универзитетите?

https://p.dw.com/p/FQrW
Фотографија: dpa

На почетокот на минатата недела, на правниот факултет во Тузла, кој е дел од универзитетот во Сараево, е уапсен апсолвент под сомневање за корупција. После тоа, во јавноста почнаа да стигнуваат информации, дека на овој факултет има се’ и сешто, од купување оцени до наведување на студентките на проституција.

Јасна Суботиќ, портпарол на обвинителството во кантонот Тузла, потоа најави: „Дел од сведоците веќе се сослушани и наредните недели следува сослушување на одреден број сведоци, по што обвинителот ќе одреди во кој правец ќе се одвива истрагата.“

БиХ нема правни механизми за борба против корупцијата

Но, не е прашање дали има корупција на универзитетот во БиХ, туку како таа да се искорени. Сепак, професорот на рударскиот факултет во Тузла и претседател на синдикатот на професори во градот, д-р Един Делиќ, смета дека БиХ во моментов нема правни основи да се бори со корупцијата: „Ако некому му документирате корупција, го снимате во канцеларија, најдете пари, тоа во кривичната постапка нема ништо да значи. Од друга страна, ако преземете мерки, а немате кривичнио правна позадина, тој може да ве тужи.“

Корупцијата табу тема?

Претседателот на Унијата на студентите на универзитетот во Тузла, Един Еминовиќ е скептичен дека актуелното отварање на истрагата на Правниот факлултет во Тузла, што е во рамките на Правниот факултет од Сараево, сериозно може да го придвижи процесот за борба против коруцијата на факултетите во БиХ: „Не можеме да почнеме процес без цврсти докази, тоа би било непотребно кревање прашина. Ништо нема да се промени.“

За проблемите со корупција на универзитетите во Босна и Херцеговина, по војната во 1995 година, се зборуваше малку или таа тема воопшто не се споменуваше. За корупцијата главно зборуваа жртвите, односно студентите, но меѓу себе или пак ретко го делеа тоа искуство со своите колеги преку различни интернет форуми.

Но, како студентите би се однесувале доколку лично би имале такви искуства? Неколку студенти од Филозофскиот факултет во Тузла велат: „Со професорите никогаш не сме имале такви искуства, но знам се зборува низ градот дека тоа се случува.“

Често се зборува и дека студентите не се подготвени, дури и кога им се бараат пари за испит, да го кажат тоа: „Ако ми се случи такво нешто, нема така лесно да минам преку тоа.“

„Студентите се виновни ако плаќаат, а професорите ако земаат. Нормално, мора да постои повод од страна на професорите. Значи, ако 5 - 6 пати паѓаш на испит, а свесен си дека знаеш, постои нешто. Јас лично не сум имала такво искуство и драго ми е поради тоа.“

Студентите немаат доверва во институциите

Магистер, Енес Османчевиќ, асистент на Филозофскиот факутелтет на универзитетот во Тузла, сепак смета дека студентите не се подготвени јавно да сведочат за корупцијата на професорите затоа што немаат доверба во институциите на БиХ: „Во таа спирала, од корупцијата сите се задоволни и секој извлекува полза надвор од законот. Кој ќе рече доста и кој ќе се обиде да воспостави некави правила на игра? Таков морален авторитет, таква свест, за жал во Босна и Херцеговина во моментов нема.“

Пофални зборови за Хрватска

И, додека Босна и Херцеговина се бори со правниот систем и санкционирање на корупцијата на високо образовните институции, Хрватска доби пофални зборови за неодамнешната операција ’Индекс’ во Загреб, кога беше откриена голем корупциски скандал со поткуп на професорите.

Парламентарецот, Јоханес Свобода, за тоа како оваа акција ќе се одрази кај младите, забележува: „Тоа многу зависи како владата ќе се постави во однос на скандалот. Ако владата каже - со помош на ЕУ успеавме да ја отстраниме корупцијата и ако им дадат можност на младите кои се вредни, а тоа е и мотото на ЕУ, тогаш тоа може позитивно да се одрази. Меѓутоа, ако младите добијат впечаток дека нешто е откриено и по кратко време ништо не се променило, тоа негативно ќе се одрази. Прашање е сега како ќе реагира хрватската влада.“

Од Хрватска во меѓувреме стигнуваат сигнали дека властите сериозно ќе ја сфатат борбата против корупцијата и ќе се соочат со неа.