1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на двеиполгодишниот леден дипломатски период - Индија и Пакистан повторно започнуваат мировни преговори

16 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AdIu
Почетокот повеќе има симболично значење, отколку што може да се очекува некаков позначаен пробив. Проблемот со Кашмир, тежишна точка на меѓусебниот спор, беше повод за две од трите индиско-пакистански војни од 1947-ма година наваму. Почетокот на преговорите е придружен со оптимизам од индиска страна, но и со инциденти и протести на кашмирски екстремисти. Високи по ранг функционери на двемји се состанаа денеска во пакистанскиот главен град Исламабад. Првата средба траеше два часа, првата рунда преговори е предвидено да трае 3 дена. На почетокот треба да се утврдат модалитетите и планот на преговарачкиот процес, мора да се испита какви средби треба да се подготват за наредните месеци, рече државниот секретар во индиското министерство за надворешни работи Шашанк, кој ја предводи 4-члената делегација на својата земја. Тој дури в среда ќе се состане со пакистанскиот колега Риаз Кокар. Се очекува и да бидат востановени повеќе работни групи по одредени теми. Индискиот министер за надворешни работи Јашвант Сина, по денешната средба во Њу Делхи со делегација на ЕУ предводена од еврокомесарот за надворешни односи Крис Патен, искажа убеденост во позитивен исход: "Навистина сум оптимист во однос на преговорите. За работите за кои ќе се разговара беше претходно многу направено и уверен сум дека нема да биде тешко да се дојде до договор", рече Сина. Мунир Ахмед, експерт за индиско-пакистанска проблематика на Ориенталниот институт во Хамбург, за Дојче Веле изнесе ваква оцена: "Всушност- во сегашниов момент и не може многу да се очекува, но радува што воопшто беше искажана готовност за повторни разговори. Впечатливо е што двете страни, кои со години воопшто не можеа меѓусебе да разговараат, конечно го прават тоа под притисок на САД". Обновата на разговорите беше договорена уште во 1997- ма година. Последните преговори на индискиот премиер Ваџпаји и пакистанскиот претседател Мушараф пред две ипол години во индискиот град Агра не донесоа никаков резултат. Од нивната средба во јануари годинава потекна иницијатива за најновиов обид. Двете држави веќе договорија обнова на дипломатските односи, повторно воспоставување сообраќајни врски, а за прв пат по 14 години индиската репрезентација во крикет ќе гостува во Пакистан. Пакистан од внатрешнополитички причини е заинтересиран за брз и видлив напредок во преговорите, но тоа не може да се очекува со оглед на претстојните парламентарни избори во април во Индија. Двете земји се атомски сили. Индија со години му префрлува на Пакистан дека ги поддржува стремежите за независност на меѓусебно поделениот Кашмир, како и на индиската сојузна држава Џаму, единствената со претежно муслиманско население. Конфликтот во Кашмир за последните 15 години однесе 65 илјади човечки животи. Поради напади од муслимански екстремисти во Индија во 1999-та и 2001-ва соседите се најдоа на работ на војна. Во пакистанскиот дел на Кашмир денеска околу 500 лица - членови на Ослободителниот фронт Џаму-Кашмир, кој се залага за независност на регионот, протестираа поради почетокот на преговорите и неучество на претставници на Кашмирците во нив. Во Сринагар, во индискиот дел на Кашмир, сепаратистите убија еден локален политичар, како и еден полицаец, а уште еден припадник на индиските сили за безбедност е ранет.