Напад врз цивилното срце на Кабул
18 јануари 2014Тројцата атентатори-самоубијци стоеле на влезот на либанскиот ресторан, каде бил активиран експлозивот, соопшти полицијата. Ресторанот се наоѓа во населбата Вазил Акбар Кан, во која се наоѓаат седиштата на многу странски амбасади. Исто така и дипломатското претставништво на Германија се наоѓа во непосредна близина.
Најмалку 24 лица се убиени, соопшти шефот на полицијата на Кабул, Мохамед Загир. Меѓу жртвите имало и 13 странци. Според Обединетите нации, меѓу жртвите имало четворица цивилни соработници на ОН и еден претставник на Меѓународниот монетарен фонд. Министерството за надворешни работи во Копенхаген ја потврди смртта на еден дански припадник од европската полициска мисија Еупол.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, нападот го осуди како „еклатантна повреда на хуманитарното меѓународно право“.
Портпарол на Министерството за надворешни работи во Берлин рече дека кризниот штаб прави напори да добие информации, меѓутоа состојбата била непрегледна. „Информациите дека има Германци меѓу жртвите во моментов не можат да бидат потврдени“.
Одговорноста за крвопролевањето ја презедоа радикално-исламистичките талибанци. Нивниот портпарол Забиулах Муџахид соопшти дека самоубиствениот напад целно бил наменет против странците во градот. Меѓу жртвите биле „низа високи по ранг германски диполомати“, велат талибанците.
Еден од атентаторите, според податоци на авганистанското Министерство за внатрешни работи, се кренал во воздух пред ресторанот. Потоа двајца вооружени мажи влегле во објектот и отвориле оган врз гостите. Сите тројца атентатори се мртви. Убиен е и сопственикот на ресторанот, кога им застанал на пат на напаѓачите.
Изминатите денови имаше повеќе напади во Кабул, меѓу нив и еден самоубиствен атентат. Во еден друг случај атентаторот самоубиец бил застрелан пред да ја активира бомбата.