На повидок спор за територија меѓу Црна Гора и БиХ?
20 мај 2008Спорот е околу место Суторина во Бока Которска. Тоа сега е официјално дел од Црна Гора, но пред многу години им припаѓало на Босна и Херцеговина. Според медиумските извештаи, Сараево прашањето на арбитража за овој спор би можело да го покрене откако ќе започнат преговорите за разграничување меѓу Црна Гора и Хрватска за полуостровот Превлака. Црногорските политичари нерадо зборуваат за прашањето на местото Суторина. Велат до сега немале никакво официјално барање од Сараево за разгледување на сопственоста врз тоа место и дека е најдобро да се држат до препораките на Бадинтеровата комисија. Таа утврди дека со распадот на поранешна Југославија, границите меѓу републиките станале државни.
Иличовиќ: границите да не се менуваат
Високиот функционер на владеачката Социјалдемократска партија во Црна Гора, Миодраг Иличковиќ во изјава за српската програма на Дојче Веле, вели дека односите меѓу земјите секогаш се влошувале кога се работи за промена на границите.
„Тие граници се еднаш воспоставени и не треба повеќе да се менуваат“. И портпаролот на бошњачката партија во земјата Суљо Мустафиќ смета дека односите меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина се се’ подобри и дека наскоро ќе биде потпишан билатерален договор за границата.
„Сметаме дека прашањето на границата не е отворено прашање и дека границите треба да се зачуваат вакви какви што се.“
БиХ во минатото имаше два излеза на море
Но, за потсетување, Црна Гора во деведесеттите години тргна во воен поход токму поради тоа што не ги признаваше така настанатите граници. Премиерот Мило Ѓукановиќ, кој и тогаш беше на чело на владата изјавуваше дека границите ги повлекле приучени бољшевички катрографи. Токму тоа е случајот и со Суторина, приморска населба во Бока Которска. Според одлуките на Берлинскиот конгрес од 1878 година и Второто заседание на АВНОЈ во Јајце 1943 година, овој дел од Бока во должина од седум километри кај крајбрежјето и припаѓа на Босна и Херцеговина. По Втората Светска војна, Босна и Херцеговина на картите е прикажувана со два излеза на море, еден кај Неум и еден кај Бока Которска. Но, со усмен договор на комунистичките раководства од Сарево и Подгорица, оваа територија во 1947 година им е отстапена на Црна Гора. Констатирајќи дека се работи за комплексно прашање, членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Небојша Радмановиќ минатата седмица изјави дека тоа допрва ќе биде разгледувано и потоа ќе се заземе официјален став.