Нема потврда кој ќе ги замени француските војници на Косово
17 декември 2013Во НАТО, според зборовите на врховниот командант Филип Бредлов, сѐ уште не е донесена одлука за замената на околу 300 војници, кои Франција сака да ги повлече идната година од северот на земјата.
„Добрата вест е дека имаме повеќе понуди за замена на фрнацуските трупи“, рече Бредлов денеска во Берлин.
Еден поголем проблем меѓутоа било да се најде земја која во иднина ќе ја преземе базата во Ново Село. Кампот се наоѓа релативно длабоко во северниот дел на Косово, каде што поради српските населби и близината на српската граница би постоеле најголеми шанси за евентуални немири. Базата во Ново Село би била клучна за трупите на НАТО во случај на потреба да можат да излезат на терен и да преземат акција, изјави американскиот генерал. Тој посакувал кампот да го преземе некоја од поголемите НАТО држави.
За значително намалување на трупите на НАТО, КФОР засега било прерано - за тоа биле потребни натамошни чекори.
На Косово во моментов се стационирани околу 700 германски војници, повеќето од нив на мирниот југ. Ангажманот на Косово е втората по големина воена мисија на Бундесеверот, по онаа во Авганистан.