1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакистан заслужува помош

Кристоф Хајнцле22 октомври 2005

Пакистанскиот претседател, Первез Мушараф, се жали дека неговата земја е запоставена од страна на меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/AevN
Фотографија: AP

Досегашните ветувања за помош на настраданите од земјотресот, според него, се сосема недоволни. Координаторот на ОН за помош, Јан Егеланд, обезбеди од страна на НАТО, нови ветувања за помош. НАТО, имено, со воздушен мост од Германија и Турција, има намера најбргу што е можно да транспортира илјада тони помош од различни организации во погодениот регион. Освен тоа, ќе биде испратен и еден баталјон за расчистување на улиците и постројките за вода, како и една монтажна болница.

“Потребен ни е втор Берлински воздушен мост. Ако тоа беше можно да се стори во 1940-та, треба да бидеме во состојба да го направиме и во 2005-та.“

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, изјави дека ваков воздушен мост во историјата на алијансата немало.

Трка со времето

За хуманитарците во подрачјата погодени со земјотресот, ова е трка со времето. Се повеќе намирници доаѓаат во регионот – со камиони, џипови, хеликоптери, пеш и на магариња. Но, тоа воопшто не значи дека сите добиле помош. Ситуацијата не е подобрена, вели очајно Пакистанецот Квасаин Мукар, кој помага во регионот.

Според проценките на Светската програма за храна на ОН, никаква помош досега не добиле околу половина милион луѓе. Бројот на хеликоптери кои треба да достават помош во селата кои се отсечени од светот, не е доволен. Американскиот пилот Грант Раш, вели: “Многу работа. Многу намирници се донесени со авиони и сега се претрупани. Навистина мора да се пренесе голем товар.“

Истовремено, нема доволно резерви за сите да бидат снабдени . Организациите на ОН се жалат на недостиг на пари, приватните помагачи покажуваат умор од донирање, особено во западните држави. Комесарот на ОН за бегалци, Антонио Гутереш, апелира:

“Пакистанците со години и децении примаа милиони авганистански бегалци – со големи економски последици по својата земја. Пакистан покажа солидарност и сега меѓународната заедница мора да покаже солидарност со Пакистан и да преземе одговорност. Пакистан има потреба од помош и нејзе ја заслужува. “

Пакистанскиот претседател, Первез Мушараф, вели дека на земјата и се потребни најмалку пет милијарди долари, а досега е стигната само една десетина од потребната помош. Истовремено, Мушараф сепак изрази оптимизам дека можеби може да се успее во заштитата на преживеаните од острата зима:

“На пат се илјадници шатори. Освен тоа планираме да поделиме и ламаринени плочи и пластични фолии. И, бараме од луѓето да се спуштат од планините. Мислам дека со сите овие мерки ќе успееме.“