1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД за свикување на Советот за безбедност на ОН околу Иран

11 јануари 2006

Во официјален Вашингтон потегот на Иран беше дочекан со загриженост и критика.

https://p.dw.com/p/AcYt
Џорџ Буш
Џорџ БушФотографија: AP

Ова е јасно прекршување на меѓународните обврски, изјави портпарол на американската администрација. САД ја држат затоа отворена опцијата по договор со Европејците во Советот на гувернерите на Меѓународната агенција за атомска енергија дури да го свикаат Советот за безбедност на ОН.

„Го повикуваме Иран да се придржува до преземените меѓународни обврски и да се врати на преговарачката маса. Ако Иран продолжи вака понатаму и со тоа ги оневозможи натамошните преговори, тогаш преостанува само уште еден пат: земјата мора да се најде пред Советот за безбедност на ОН. Околу тоа сега ќе се советуваме со нашите европски пријатели„ – изјави портпаролот на Претседателот, Скот Меклилан.

САД сметаат дека сега ќе имаат доволно гласови во Советот на гувернерите на Меѓународната агенција за атомска анергија за свикување на Советот за безбедност. Оваа тема најверојатно ќе се најде на дневниот ред и на разговорите меѓу американскиот Претседател Џорџ Буш и германската канцеларка Ангела Меркел што ќе се одржат в петок. Буш при посетата на Берлин минатата година јасно застана зад европските преговори со Иран, нагласувајќи дека Иран не е Ирак. Официјален Вашингтон ни сега не отстапува од таквиот став, посочи портпаролот Меклилан:

„Иран не е Ирак, соработуваме со меѓународната заедница за да го решиме проблемот по мирен и дипломатски пат. Тоа така и ќе остане. Што се однесува пак до воената опција, Претседателот Буш веќе рече дека таквата опција никогаш не ја исклучуваме!„

САД имено претпоставуваат дека официјален Техеран сепак тежнее кон создавање атомско оружје. Во таа насока зборуваат и неодамнешните изјави на иранскиот Претседател Ахмадинеџад, кој побара Израел да се избрише од географските карти или да се префрли во Европа.