1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД имаат своја визија за реформата на ОН

18 јуни 2005

Германската влада упати критика на американскиот предлогот за проширување на Советот за безбедност на ОН со само две постојани членки.

https://p.dw.com/p/AcoR
Колку нови членки ќе има проширениот Совет за безбедност на ОН?
Колку нови членки ќе има проширениот Совет за безбедност на ОН?Фотографија: UN Photos

Заменик протпаролот на германската влада Томас Штег посочи дека тоа е премалку за Советот да добие претставници на до сега недоволно застапените земји во развој. Германија и понатаму ќе се придржува до четворната иницијатива, во која покрај неа за место на постојани членки се борат и Јапонија, Бразил и Индија.

Изјавата на државниот потсекретар Николас Барнс дека САД се за помало проширување на Советот за безбедност од она што го предлага генералниот секретар на Светската организација Кофи Анан и дека светската супер сила безрезервно ја поддржува само Јапонија – доаѓа токму една недела спроти официјалната посета на германскиот канцелар Герхард Шредер на Вашингтон. Ненадејната најава на Стејт департментот ги збуни како пријателите, така и непријателите на САД. Многумина се прашуваат дали зад сето стои казна или обид само да се добие на време? Во секој случај станува збор за шлаканица и тоа не само наменета на аспирантите за членство во Советот за безбедност, како Германија, туку и за Комисијата за реформи на генералниот секретар на ОН, како и за мнозинството членки на Светската организација.

„Веќе 40 години составот на Советот за безбедност е непроменет. Верувам дека е дојдено крајно време тој да и се прилагоди на изменетата состојба во светот. Исто како и Бразил, Индија и Јапонија и Германија е подготвена да ја преземе врз себе зголемената одговорност што призлегува од местото на постојана членка во Советот„ – порача шефот на германската дипломатија Јошка Фишер.

Американското Министерство за надворешни работи за сега го остава во тајност вториот кандидат што би го поддржало, доколку Советот се проширува со само два нови члена. Од дипломатски кругови меѓутоа се дознава дека како фаворит важи Индија. Со тоа меѓутоа би останале незастапени цела Јужна Америка и Африка, вклучувајќи го и целиот арапски свет. Но, Американците се противат на поголемо проширување, наводно затоа што ќе биде загрозена ефикасноста во работењето на Советот. Освен тоа официјален Вашинтон бара и превртување на временскиот план што го предложи Кофи Анан. Прво треба да се реформира дискредитираната Комисија за човекови права и да се создаде Комисијата за мировни мисии, а дури потоа да се оди на реформа на Советот за безбедност – бараат Американците. Американскиот Конгрес отиде дури и чекор понатаму и вчера го зголеми притисокот со донесувањето закон, според кој половина од финансиските придонеси за ОН нема да се исплаќаат, доколку не дојде до сеопфатна реформа на Светската организација. 46-те барања се однесуваат пред се на поефикасно однесување со финансиските ресурси и борба против корупцијата. Само за потсетување, уплаќањата на САД сочинуваат цели 22% од буџетот на ООН.

Ваквата акција на САД може да предизвика меѓутоа токму спротивен ефект и да обезбедат двотретинско мнозинство за предлогот за поголемо проширување на Советот, проценуваат дипломатите од Светската организација. Тие сепак очекуваат оти американската дипломатија ќе стори се за да ги кочи реформите со цел задржување на надмоќта на светската супер сила.