1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се наоѓаат ли ОН во ќорсокак?

24 октомври 2005

Јубилејната, 60-та годишнина од стапувањето на сила на Повелбата на светската организација, е поматено од неуспехот на плановите за реформа

https://p.dw.com/p/Acfp
Советот за безбедност - клучно тело на ОН
Советот за безбедност - клучно тело на ОНФотографија: UN Photos

„Ние, народите на Обединетите нации...“ – со овие зборови започнува преамбулата на повелбата на светската организација. Звучи добро, но е чисто разубавување на нештата. Зашто, и за арно и за лошо за ОН решаваат владите, од кои само дел се избрани по демократски пат. Диктаторски режими имаше и има и кај најмоќните – петте постојани членки на Советот за безбедност, кои со своето право на вето можат да ги осудат ОН на пасивност. Дури и слободно избрани влади не го искажуваат во Советот за безбедност секогаш она, што го сака нивниот народ: се сеќаваме на согласноста на Тони Блер и Хозе Марија Азнар за војната во Ирак, додека мнозинството Британци и Шпанци жестоко се противеа.

Првата реченица од преамбулата е симптоматична за противречностите од кои страда Организацијата од нејзиното основање. За време на студената војна Советот за безбедност ретко можеше да ја исполни наменетата задача: да се грижи за мирот и безбедноста во светот. Навистина, „сините шлемови“ многу често играа позитивна улога во смирувањето на региони по вооружени конфликти, но дури ОТКАКО конфликтите веќе ескалираа. Во најголемиот број случаи ОН не можеа да спречат избивање војни. Во Руанда се случи геноцид пред очите на светот. Од крајот на конфликтот Исток-Запад кон крајот на 90-тите години, бројот на вета во Советот за безбедност тендира кон нула. Но, и примерот со Ирак покажува дека клучното тело на ОН може да спречи оружен поход само ако тоа навистина го сакаат сите негови постојани членови.

Кофи Анан сакаше ОН во 60-тата година од постоењето да донесат решение за реформа, која за Организацијата ќе беше голем чекор напред во 21-от век. Но, агендата на генералниот секретар беше до темел разводнета на самитот на ОН кон средината на септември: шефовите на држави или на влади повторно рекоа ДА за милениумските цели – кој би сакал да биде против сузбивање на сиромаштијата и на заразните болести? – но кај финансирањето на развојната помош договорија само најголема можна незадолжителност. Нема согласност за реформа на Советот за безбедност и таа е одложена на долг рок. Заобиколено е дефинирањето на тероризмот, за што одамна се дискутира. Уште еднаш се покажа колку е тешко да се постигне согласност околу иднината на Оргнозацијата. Кој сонува за акционо способна светска влада, може само да биде разочаран од ОН.

Поблиско до реалноста е едно поскромно гледање на нештата. Има области во кои ОН веќе постигнаа многу: со Повелбата за човековите права, многубројни подорганизации и со меѓународните судови, ОН поставија важни крајпатни знаци. Институции на ОН повеќепати – и со право, добија Нобелова награда за мир; годинава Меѓународната агенција за атомска енергија и нејзиниот шеф Мохамед ел Барадеј.

Наспроти ова, по прашањата за светскиот мир ОН се во прв ред форум за размена на мислења. Во одредени случаи беа договорени конкретни мировни мерки, но во крајна линија не се ОН одговорни за да владее мир во светот, туку сите 191-на земји-членки.

Клаус Даман