1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТАЦ: „Бајден предупредува од војна во Босна“

25 мај 2009

Американците имаат различни ставови од ЕУ во однос на БиХ - весникот „Тагесцајтунг“ анализира зошто во Вашингтон се смета дека иднината на Босна се враќа во преден план и во што САД и ЕУ немаат еднакви мислења.

https://p.dw.com/p/Hx3e
Џо Бајден во СараевоФотографија: FENA

„Кога шефот на протоколот на американскиот потпретседател, Џо Бајден во Сараево го поздрави шеф-дипломатот на ЕУ, Хавиер Солана со зборовите „Добредојдовте господине Висок претставник“, беше јасно дека Американците сметаат дека европска придружба во текот на нивната посета е товар. Ваква замена со вистинскиот „Висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина“, Австриецот Валентин Инцко, е прилично непријатна. Американците воопшто го немаа покането Солана за време на посетата на Сараево и не го ни земаа во текот на натамошното патување во Србија и на Косово“, пишува весникот „Тагесцајтунг“ и продолжува:

Logo: Tageszeitung, TAZ, Zeitung

„Со тоа пропадна демонстрирањето единственост во Сараево и тоа укажува на разликите во политиката на Вашингтон и Брисел по прашањето на Балканот. Администрацијата на Обама се‘ уште има обѕир кон ЕУ, со тоа што го одлага прашањето за назначување свој специјален пратеник, како што минатата недела беше побарано од Конгресот. Зашто, тоа би го ставило Балканот на исто ниво со Авганистан или Пакистан, или, пак, Блискиот исток и би го зајакнало американскиот став дека ситуацијата на Балканот, која може да стане кризна, е незавршен бизнис.“

Наведувајќи дека аналитичарите во редовите на демократите во САД сметаат оти ситуацијата на Косово се стабилизирала и дека сега Босна и Херцеговина повторно ќе избие во преден план, „Тагесцајтунг“ наведува:

Joe Biden in Pristina
Бајден на КосовоФотографија: AP

„САД ја гарантираат егзистенцијата на мултиетничко Косово, соопшти Џо Бајден во косовскиот главен град, Приштина. Во Босна, наспроти тоа, премногу мекиот став на Европејците доведе до измешана ситуација, во која исто како и пред војната во 1992 година, на сцена е националистичка реторика. Затоа, во Босна е потребен нов устав, кој ќе ја гарантира способноста за дејствување на федерацијата наспроти етнички дефинираните делови на државата. Размислувањата во Вашингтон кои треба да се сфатат сериозно, одат во насока на тоа дека тоа би можело да се направи на нова конференција, такаречи „Дејтон два“ конференција. Меѓународниот претставник во Босна, Валентин Инцко, наспроти тоа, во согласност со Брисел категорично исклучува можност за конференција „Дејтон два“. Сега, посетата на Бајден покажува дека САД имаат намера на политиката на ЕУ на Балканот да и‘ ги спротивстават сопствените гледишта.

Во меѓувреме, Русија според информациите во еден весник, првпат по прогласувањето независност на Косово учествувала на средба на Контакт групата за Балканот. Луѓе од врвот на руското министерство за надворешни работи, на средината на мај, учествувале на разговори во Берлин. Тоа, според дипломатите, покажува дека Москва има намера да го стави ад акта судирот околу Косово.“

Автор: Тагесцајтунг / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска