Тајната на Squid Game е во нејзината едноставност
15 октомври 2021Корејската ТВ серија Squid Game (Игра на лигњи), по сценарио и режија на Хванг Донг-хјук, ги урива сите рекорди, и тоа со добра причина. Идејата да се постројат 456 очајни, презадолжени души и да се натераат да играат детски игри за награда од 33 милиони евра или да бидат убиени, е рецепт за добро ТВ шоу. Доколку на тоа се додаде и лесно преносливата порака за длабока нееднаквост, симпатични карактери и некомплициран пристап, и серијата станува најгледаната во историјата на Нетфликс.
Не ме сфаќајте погрешно, Squid Game оди во екстрем. Но, за разлика од серии како Игри на тронови или Дарк, кои содржат заплет во заплет, десетици различни поставки и сценарија спакувани во секое шоу, Squid Game одржува тесен фокус на животите на нејзините ликови и поставките сведени на минимум. Тоа ја прави толку привлечна.
Нејзината главна порака се шири толку лесно што не ви треба време да разберете некакви скриени инсинуации. Сето тоа ја прави серијата предвидлива, но не помалку забавна за гледање.
Што поедноставно- подобро
Едноставноста е видлива во пораката на серијата: силно евоцирање на сиромашната и разградена средна класа наспроти елитистичките 1% кои прават што сакаат без оглед на цената што останатите треба да ја платат- рефлексија на денешното општество во реалниот свет. Со својот мрачен приказ на нееднаквоста и класните поделби, таа веќе предизвика споредби со оскаровецот Паразит. Лесна е да се разбере и за мнозинството да создаде однос кон неа.
Едноставноста ја надминува пораката и навлегува и во реализацијата. На пример, таков е случајот со рангирањето на послушниците кои ги придружуваат играчите и ги спроведуваат правилата на играта, често и со убивање. Постојат три едноставни форми кои тие ги носат на прекривките на лицата кои може да ги препознае и двегодишно дете: коцка, триаголник и круг. Коцката е над триаголникот, а триаголникот е над кругот.
Ова се нештата кои го прават ова шоу лесно за гледање и му даваат широк опфат.
На едноставната порака добро се налепува и разиграноста на сцената. Сите ликови носат едноделни костуми, сместени се во голема хала со мурали на деца кои играат игри и, како во детско одморалиште, спијат на двокатни кревети. Кога играчите се упатуваат од халата кон игрите тие минуваат низ пастелни скалика кои како да припаѓаат во градинка. Сето ова создава едно пријатно визуелно искуство, еден од најдобрите атрибути на серијата кое барем малку отстапува од својственото насилство.
Прашање на живот и смрт?
Студијата го одбиваа проектот на Хванг Донг-хјук за Squid Game цели 10 години, сметајќи го за премногу нереално и насилно. Веројатно им било тешко да замислат како би изгледало спојувањето на детски игралишта со брутални убиства. Сепак, и покрај тоа што има многу крв и насилство во шоуто, тоа не е ништо ново.
Тарантино не би бил Тарантино без комичниот број на неговите крвави сцени, особено доколку го погледнете крајот на Беше еднаш во Холивуд.
Она што е ново е како оваа визуелизација си игра со психата. Насилните сцени за време на детски игри успеваат да допрат до детето во нас на најбазично ниво. Се сеќавам дека ги сфаќав овие детски игри толку сериозно, речиси како игра на живот и смрт, метафорички кажано.
Хванг Донг-хјук не се ограничува само на изобилството крв која лета по екранот, туку оди во секој можен визуелен екстрем во серијата. И повторно, пораката е едноставна: животот е суров. Неговиот едноставен пристап кон алегоријата е да ни покаже до каде може да оди бруталноста.
Иако многумина ќе продолжат да ја сецираат серијата и притоа ќе го слават или критикуваат нејзиниот успех, јас во неа гледам возбудливо и едноставно шоу со хипнотирачко користење на визуелните ефекти. Доволно едноставно за секој да го разбере и доволно забавно за да го препорачате на пријател.