Трамп категорично отфрла дека е „расист“
15 јануари 2018Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги негираше тврдењата оти е расист, откако употреби навредливи зборови за да опише некои африкански како и карипската држава Хаити. „Јас не сум расист. Јас сум личност која е најмалку расист од сите кои досега сте ги интервјуирале“, им рече Трамп на новинарите директно одговарајќи за тешките обвинувања. Тој на медиумите им се обрати во неговиот голф клуб на Флорида.
Повеќе на темата:
-Топли поздрави за Трамп од „по...те земји“
-Нов вербален испад: Трамп зборува за земји „по...ни дупки“
Американските медиуми објавија дека Трамп на состанокот за емиграции во неколку наврати користел многу вулгарен речник опишувајќи ги сиромашните земји од кои доаѓаат доселниците во САД како „по...ни дупки“. Информациите ги потврдија и некои учесници на состанокот, меѓутоа, Трамп го негираше тоа.
Тој во петокот на Твитер напиша оти не рекол ништо лошо за луѓето од Хаваи демантирајќи дека за нив и за нивната земја зборувал вулгарно и навредливо на еден официјален состанок.
„Речникот кој го користев на состанокот беше тежок, но не ги користев тие зборови, кои ми ги препишаа“, тврдеше претседателот, но неколку учесници на тој состанок го изјавија спротивното за американскиот печат.
Некои африкански земји поради овие наводи реагираа и упатија протест до американските амбасадори.