Џихадистите на удар на германското обвинителство
6 ноември 2014Во летото 2013. едно момче од Франкфурт отпатува преку Турција за Сирија. Таму и се придружи на терористичката организација Исламска држава (ИС), си набавил оружје и минал низ воена обука. Потоа овој 20-годишник положил заклетва и учествувал во повеќедневни борби. Но, по неколку месеци одлучил да се врати дома. „Светата војна и не е толку супер“, и призна на сестра си во еден телефонски разговор. Во декември 2013. е упасен на аеродромот во Франкфурт.
Постапки против „божјите воини“
Тоа е приказната на Крешник Б. Тој израснал во Бад Хомбург, а пред заминувањето живеел во Франкфурт. Неговото семејство потекнува од Косово. Германското државно обвинителство го товари за членство во терористичката милиција ИС. Судењето започна кон средината на септември. Му се заканува казна од најмалку четири години затвор.
Тоа е прво судење во Германија на еден повратник од војните во Сирија и Ирак. Но ќе ги има уште. Изминатите недели беа подигнати обвиненија против уште неколку припадници на странските терористички организации. Според проценката на германската тајна служба БНД, ИС е најопасната терористичка организација во светот. ИС е во моментов најопасната, најдобро организираната и најдобро вооружената терористичка организација, предупреди пред извесно време шефот на БНД Герхард Шиндлер.
Анти-терористички член
Од 1976 година, согласно членот 129а на Кривичниот закон, во Германија е забрането помагање и рекламирање на терористички здруженија. Од 2002 година, овој член од законот е проширен и на странски терористички организации. На поддржувачите им се заканува казна до 10 години затвор. Притоа, не е важно дали организацијата е виновна за кривични дела, доволно е само заканата од вршење кривични дела. Доколку некој смета дека делата на ИС се „добри“, тоа е негово право согласно слободата на мислењето.
Целта на вметнувањето на членот 129а во 1976 беше борбата против левичарската терористичка организација Фракција на Црвената Армија (РАФ) во Германија. По нападите од 11 септември 2001 во САД, и во Германија беа засилени безбедоносните закони. Во 2002 година, Кривичниот закон беше зајакнат со членот 129б кој овозможува гонење на членови и поддржувачи на странски терористички организации.
Обата члена не се без противници во Германија. Во прв ред, партиите на Зелените и на Левицата со години се противат на нив и бараат укинување. Најголемиот проблем во членот 129б го гледаат во „големата зависност од информациите на тајната служба, која е тешко да се контролира“. Освен тоа, кривичниот прогон ја оневозможува опцијата да се повикуваат сведоци од странство.