1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

1990-2024: Крај на владеењето на лагите

19 декември 2024

Само корумпираните политичари, судии и компромитираните дипломати ќе го одбијат предизвикот на ДУИ. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4oM94
Северна Македонија Скопје
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Средина на деведесеттите. Штотуку вработен како преведувач, придружував делегација на западни експерти по економски реформи на средби низ домашните мнистерства. Во најзначајното, Министерството за финансии, нѐ пречекаа неколку бирократи, предводени од типична хомосовјетикус дама во средни години, со огромни сини коси, кежуал елече врз рамена, апсурдно поцрвенети усни, редица бисери околу вратот над претесната кошула. Откако експертот се претстави, редејќи ги претходните искуства низ централноевропските посткомунистички земји, но и високите позиции низ глобалните финансови институции, редот дојде на домашната претставничка и нејзиното куртоазно добредојде.

Да не должам, сижето не домаќинката се состоеше од напати повтореното укажување дека „ние имаме високо стручен кадар, ние имаме домашни извонредни експерти“ проследено со познатите „не сме од вчера, ние сме држава”. Сето заокружено со укажувањето „си имаме ние знаење, нам ни требаат пари, пари ни недостасуваат”. Упорното потенцирање на таа порака го принуди гостинот на крај, со крајно љубезен тон, да одговори дека му е мило што земјата поседува капацитет на знаења, кои на крај секако ќе резултираат и со јакнење на економијата и обезбедување профит, т.е. пари. Поедноставено, пораката беше „доколку знаеете, тогаш правете, не барајте пари”. На крај на средбата, стариот господин тивко, полушеговито ми шепна: „Значи така изгледа комунизмот.“

Не знаат дека не знаат

Неколку децении подоцна, некаде пред четири-пет години, Мендух Тачи во едно од интервјуата ќе изјави и искрено признае дека „кога влеговме во Влада, не знаевме ни како се прави буџет и ги следевме искуствата од македонските партии”. Поедноставено, двете епизоди – независни една од друга – ја нудат сликата и дјиагнозата за клетата судбина на нашата економија и социјала. Слика во која наследените македонски, комунистички кадри умислени дека знаат, но всушност не знаат дека поим немаат. Додека пак албанските кадри поим немаат од економија, и тоа го признаваат, па затоа знаењата ги црпат од македонските кадри кои мислат дека знаат, но всушност само глумат дека знаат. Таа токсична комбинација на умислено, благословено незнаење и наивно покривање преку копирање на незнаењето е печатот со кој се осуди нашето тапкање во минатото и имитирање на успехот. 

Едвард Сапир и Бенџамин Ли Ворф се лингвисти и автори на Сапир-Ворф хипотезата (позната и како теорија на јазичната релативност), според која „луѓето го доживуваат светот засновано врз структурата на сопствениот јазик, дека јазичните категории го формираат и лимитираат когнитивниот процес”. Според двата научника, „разликата во јазиците влијае врз мислата, перцепцијата и однесувањето, така што луѓето кои користат различни јазици мислат и се однесуваат различно”. Учењето на нови јазици го определува различното фукнционирање на мозокот, на перцепцијата и разбирањето на светот од страна на човекот кој учи странски јазици.

Пример кој треба да се следи

Воведните примери на оваа статија денес и овде се прекршуваат врз различните пристапи и финалните резултати, определени од процесите водени и диктирани од статична дефанзивност од еволуцијата и отвореноста детерминирана од наследената или наметната реалност на историските процеси. Економијата на оваа земја, едноставно – никогаш немала шанса. Можеби сакала, но интересот на наследениот естаблишмент да си ги сочува стекнатите профити и наследените аналфабетизми, определи македонскиот дел од општеството љубоморно да го чува и низ медиуми да го шминка фактичкото незнаење. Додека пак, интересот на новоформираниот албански естаблишмент, немајќи никакви искуства, се определи да го прифати како модел – и на албански да го преведе – незнаењето на моделот и истото да го претстави како пример кој треба да се следи.

Одбојноста, поточно омразата на Македонците кон албанскиот јазик, сведена на последниот измамнички крик на „службеност“ е помалку алармантна за Албанците опкружени со квалитетни програми од сопствените медиуми, како и оние од Тирана, Приштина, Швајцарија. Одбојноста, да не се лажеме, е повеќе ламент на Македонците за самонанесената неатрактивност, бирократска џандаризација на духот која единствено може да опстои - не преку зачувување на македонскиот јазик - туку преку спречување на кој било друг јазик кој би можел да послужи како споредбена категорија. Која, пак, ќе ја разобличи бирократската, џандарска, србоцентрична деградација на еден јазик кој некогаш беше поетичен, елегичен, мек на усни и нежен на уши. Албанците нема да учат јазици. Бидејќи веќе ги знаат или разбираат – од турски до хрватски, од безброј дијалекти до Швајцарија и Лондон. Македонскиот ќе го користат онака како сакаат Каракамишева и Ќулавкова. Како бирократско помагало, како формулар со смислено осиромашен вокабулар, како линијар, гумичка. Како што сака ВМРО, СДСМ. Но македонскиот – не денес – туку веќе одамна, не е јазик на комуникација. А судејќи според кататоничната зачмаеност, затвореност, страв од поинаквост и жабна-поткованост со Србија – тешко дека македонскиот јазик повторно ќе се воздигне и стане реч на разбирање и ќе ја надмине провинцијалната утеха на „зборувај македонски, за да те разбере светот”. Колку за утеха, Албанците ќе го користат тој бирократски шалтеризиран и формулизиран јазик. И химната ќе ја пеат. Колку за да удоволат на инфериорните пориви на растргнатите помеѓу најниските садистички гноеви кон Албанците и најсервилните, најполтронските лигавења кон Белград.  

Сите молчат за предизвикот од Али

Ова е неопходно да се каже, за своевремено и навремено – иншала – да се разбере дека веќе е дојден крајот на онаа Македонија од 1990 година. Реалноста не се потресува за мои или ваши оценки. А таа реалност е дека на чуден, неочекуван, главно изнуден и со кокошкино слепило прославен начин, тој крај се најави од неочекувано катче на денешницата. Од ДУИ и Али Ахмети. На моја огромна жалост, признавам. Ништо во оваа земја нема да биде веќе исто, не поради понудата на Ахмети и ДУИ за целосен ветинг на политиката, судството, туку поради колективното, кукавичко, криминално одбивање на ВМРО-СДСМ, ВЛЕН, Левица, амбасадите на САД, ЕУ, НАТО, ОБСЕ и.т.н. Секако, мотивите на Ахмети и ДУИ се да спасат кожа, но замислете  - ако смеете – кои се мотивите на „чесните судии” кои не сакаат ни да чујат, камоли да прифатат нешто што би ги обединило сите граѓани по секоја линија. Затоа, бркајќи по Зајас, умислените Мицкоски и Меџити, Панчевски и Таравари, Агелер и Сиљановска, на крај истераа мечка. По нивното одбивање, кукавичко игнорирање на предизвикот од Ахмети и ДУИ, која било владина политика, амбасадорска шмника, партиска конференција, кој било кластер на ЕУ и санкција на САД е ништо повеќе и ништо помалку од млатење празна слама, амнестија на тридецениска корупција и имитација на интегрирање во ЕУ по цена на дезинтеграција на општеството, дезинтеграција на стотици илјади семејства.

Сите молчат за предизвикот од Али. Молчи Мицкоски и се надева дека хистеријата против Албанците нема да истече пред да испорача тоа што ветил. На Агелер не ѝ се зборува за теми за кои не ѝ е однапред напишано, па се надева дека празниците ќе ѝ даруваат заборав. Но, да немате дилема: напливот на шетање на Мицкоски, Меџити, Таравари по телевизии, прес-конференциите со изнудено нервозни насмевки на Агелер, трчањето на Максим до национални црвени линии, се сите засебно и заедно доказ дека предизвикот на Ахмети ги има здоболено во душа. Дотолку повеќе што предизвикот е вперен кон нив, но повикот е пратен преку нивни глави и до сите граѓани. Со јасна порака: „Кој од овие е невин, нека фрли камен по моја глава!“

Јас сум за тоа да се прифати предизвикот на Ахмети. Кој, впрочем, не го амнестира ни него лично. Ниту ДУИ. Повикувам на општ фронт со кој ќе се прифати целосен, севкупен ветинг на сите политичари, судии, обвинители од 1990 до 2024 година. Секако не според квази-лустрацијата на Груевски-Мијалков, туку со учество, мониторинг на експерти од земјата и особено од странство. Одбивањето на таква иницијатива не може да се базира врз некакви „искуства од Албанија” или „непотребни трошоци”. Напротив. Само корумпираните политичари, судии и компромитираните дипломати ќе го одбијат предизвикот на ДУИ. Со кој партијата од Мала Речица, дури  и под оган, се потврди како единствената сериозна, хиерархиска, структуирана, современа, профилирана политичка партија во Северна Македонија. И тоа, бивајќи албанска политичка партија, е грев кој не може да се прости ниту од ВМРО-СДСМ, ниту да се проголта од САД, ЕУ.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач