1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

2024: 82 милиони луѓе повеќе во светот

СН | агенции | АРД
31 декември 2024

8,2 милијарди - толку луѓе, се проценува дека, живеат на земјата на крајот на годинава. Тоа е за 82 милиони повеќе од пред една година. Светското население се очекува да продолжи да расте во следните неколку децении.

https://p.dw.com/p/4ohY6
Во втората половина на 21 век се очекува светското население да достигне 10 милијарди
Во втората половина на 21 век се очекува светското население да достигне 10 милијардиФотографија: Greg Lovett/Palm Beach PostTZUMA Wire/picture alliance

На преминот од 2024 во 2025 година, се проценува дека на Земјата живеат 8,156 милијарди луѓе. Тоа е околу 82 милиони луѓе повеќе од пред точно една година (8,083 милијарди), објави Германската фондација за светско население (ДСВ). За споредба - сличен број луѓе во моментов живеат во Германија, односно околу 84 милиони луѓе. Бројката од 8 милијарди луѓе ширум светот беше надмината во ноември 2022 година. Обединетите нации (ОН) очекуваат дека границата од 9 милијарди може да биде надмината во 2037 година. ОН проценуваат дека оваа бројка ќе достигне 10 милијарди во втората половина на векот.

Растот на населението забавува

Според ДСВ, апсолутниот број на луѓе постојано расте, но овој раст се случува со побавно темпо. Во моментов, жените ширум светот имаат во просек по 2,2 деца. Според ДСВ, населението особено силно расте во Африка: населението таму се очекува да се зголеми повеќе од двојно во следните две децении. Се очекува дека до крајот на векот населението во Африка ќе порасне од 1,2 милијарди, денес, на 3,4 милијарди луѓе.

Жените имаат клучна улога во бројот на породувања.
Жените имаат клучна улога во бројот на породувања.Фотографија: Waltraud Grubitzsch/ZB/picture alliance

Жените играат клучна улога

Фондацијата претпоставува дека светската популација ќе достигне максимум од околу 10 милијарди луѓе до средината на 2080-тите години. „Потоа, според прогнозите, намалувањето на бројот на раѓања плус сѐ поголемиот број на смртни случаи ќе обезбеди светската популација не само да старее, туку и да почне да се намалува“, се вели во извештајот на ДСБ.

Жените имаат клучна улога во бројот на породувања. Тие треба самите да можат да решаваат за сопствените животи и за планирањето на семејство. Образованието и сексуалното образование се од суштинско значење за девојчињата и за младите жени да можат да одлучат „кога и со кого колку деца да имаат“. „Ако жените имаат еднакви права, пристап до образование и здравствена заштита, економска независност и сопствена политичка волја, тогаш семејствата автоматски ќе станат помали“, објаснува генералниот директор на ДСВ, Јан Кројцберг.