1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2025-та нема да биде лесна година за ЕУ

Бернд Ригерт
4 јануари 2025

Европа е соочена со планина проблеми во новата 2025 година. Како ќе се решаваат без силен тандем Германија-Франција?

https://p.dw.com/p/4oaUj
знамиња ЕУ
Земјите-членки на ЕУ се разидуваат по многу прашањаФотографија: Jens Kalaene/dpa-Zentralbild/ZB/picture alliance

Ранлива Украина, Русија која ја поттикнува војната и нарцисоиден Доналд Трамп - и во новата 2025 година тоа се најголемите предизвици за Европската унија. Освен тоа, има и внатрешни проблеми, како што се забавената економија, високото задолжување и ограничената способност за дејствување во двете најголеми земји-членки, Германија и Франција. Значи, изгледите не се розови. Што е следно за новиот ЕУ-тим во Брисел? Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и претставничката за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас се на функција од 1 декември. Урсула фон дер Лајен остана, но и нејзината Комисија беше целосно реорганизирана. Новиот тим е во секој случај шанса, вели Стивен Евертс од Европскиот институт за безбедносни студии во Париз: „Ова е моментот во кој можеме да ја преиспитаме, адаптираме и ревитализираме надворешната политика на ЕУ.“

1. Помош за Украина

Финансиската и воената помош за Украина е на врвот на листата на итни задачи. ЕУ следната година секој месец ќе префрла 1,5 милијарди евра од заедничкиот буџет во државната каса во Киев. Дополнително, има и кредит од 50 милијарди евра од Г7 за Украина, кој ќе се сервисира со добивката од замрзнати руски средства.

Покрај тоа, од европските држави ќе треба да се финансираат големи количества муниција и оружје за да ѝ се помогне на Украина, кандидатка за членство во ЕУ. Сметката би можела да стане многу поголема доколку новиот американски претседател Доналд Трамп ги исполни своите закани и ја скрати или целосно ја откаже претходната широкограда помош од САД за Украина. Досега САД финансираа речиси половина од помошта за Украина.

Дипломатите на ЕУ известуваат дека во Брисел има интензивни шпекулации за тоа колкава сума ќе треба да се надополни. Никој не знае што точно ќе се случи во 2025 година. „Ќе почекаме и ќе видиме. Не сме навистина подготвени за Трамп“, вели анонимен дипломат на ЕУ.

Украина Киев | претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Прв работен ден за претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта (л.): Посетата на Киев на 1 декември 2024 година беше со цел да се покаже солидарностФотографија: Alina Smutko/REUTERS

2. Вооружување

Освен Украина, ЕУ во 2025-та ќе се фокусира на сопствената одбрана од Русија. За првпат има еврокомесар за новиот ресор за одбрана и вселена. Андрис Кубилиус не треба да формира европска армија, туку подобро да ги координира политиките за вооружување и набавки на членките на ЕУ. Буџетите во многу земји-членки се премали за брзо да се купи ново оружје или да има повеќе војници.

Притисокот може да се зголеми доколку американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги намали издатоците за одбрана на Европа и да побара повеќе придонеси од Европејците. Од каде ќе дојдат многуте милијарди за војската е мистерија за многу политичари од ЕУ. Само во Германија на буџетот за одбрана на среден рок му недостигаат 230 милијарди евра, проценува институтот за економски истражувања ИФО од Минхен. Во Италија се работи за 120 милијарди, во Шпанија за 80 милијарди. Новиот германски министер за финансии Јерг Кукис (СПД) веднаш ја закочи идејата на некои држави за финансирање на воените трошоци преку дополнителен заеднички долг на ЕУ.

Германија Бундесвер
Само во Германија на буџетот за одбрана на среден рок му недостигаат 230 милијарди евра, проценува институтот за економски истражувања ИФО од Минхен (фото: војници на Бундесверот)Фотографија: picture alliance/dpa

3. Менаџирање на долгот

За долговите... Во 2025 година, не само што мора да се финансираат нови воени трошоци, туку и инвестиции во климатско преструктуирање на економијата, за поддршка на економијата и за обнова на Газа, Либан и Сирија. Во драматичен извештај за конкурентноста на економијата на ЕУ, поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, зборува за инвестициска потреба од 800 милијарди евра.

Италијанецот Драги препорачува заеднички долг за еднократно финансирање со цел да се привлечат приватни инвеститори. Франција и Италија веќе ја имаат околу вратот процедурата на ЕУ за прекумерен дефицит. Наскоро би можела да се приклучи и Шпанија.

Иако Германија останува под границата на долгот на ЕУ, таа не е сосема способна да дејствува во однос на фискалната политика поради новите избори. Новиот министер за финансии нема да презентира сојузен буџет за 2025 година до јули или септември. Преговорите за новата финансиска рамка на ЕУ ќе се одложат поради формирањето нова германска влада.

економија трговија свет
Може да има драматичен конфликт со САД околу казнените царини што Доналд Трамп сака да ги наметне на Европа, Кина, Мексико и КанадаФотографија: AFP/Getty Images

4. Спречување трговска војна

Во однос на трговската политика, 2025 година веројатно ќе биде прилично тешка година. Со Кина се подготвува трговска војна за електричните автомобили.

Може да има драматичен конфликт со САД околу казнените царини што Доналд Трамп сака да ги наметне на Европа, Кина, Мексико и Канада. Еврокомесарот за економски прашања Валдис Домбровскис сака јасно да им стави до знаење на советниците на новиот американски претседател дека си нанесуваат штета со царините. „Трговската војна никому не му помага. На Трамп мора да му се претстават бројките. Фрагментација на светската трговија никому не му користи. Царините би уништиле седум отсто од глобалното економско постигнување. Тоа би било како во 1930-тите, кога изолационизмот беше многу модерен“, вели Домбровскис, мислејќи на глобалната економска криза од тие години и подемот на националсоцијализмот во Германија.

Малку надеж дава трговскиот договор штотуку потпишан со групата Меркосур во Јужна Америка. Но, ЕУ треба да го усвои ова во текот на 2025-та.

Еврокомесарот за економски прашања Валдис Домбровскис
Еврокомесарот за економски прашања Валдис Домбровскис сака јасно да им стави до знаење на советниците на новиот американски претседател дека си нанесуваат штета со царинитеФотографија: Alain Rolland/European Union 2024

5. Зачувување на единството

Експертот за ЕУ, Јанис Емануилидис од тинк-тенкот „Центар за европски политики“ (ЕПЦ), ја започнува новата година со мал оптимизам. „ЕУ отсекогаш била гарант за компромиси. Ваквата способност ја има изгубено“, оцени Емануилидис на настан во Брисел на почетокот на декември во врска со надворешнополитичките и воено-политичките предизвици кои германскиот канцелар ги опиша со зборот „пресврт“. „ЕУ веќе не е одговор на многу работи. Политиката стана понационалистичка.“ Многу луѓе, вклучително и во земјите од Западен Балкан кои сакаат да се приклучат, изгубија надеж дека ЕУ навистина ќе ги исполни своите ветувања во одреден момент, потенцира ​​Емануилидис.

Франција и Германија сега се потребни како водечки сили во ЕУ. Франција е слаба поради нејзините владини кризи. Поради новите избори во февруари, Германија може да дејствува само во ограничен обем. Малцинската влада во Шпанија исто така би можела да пропадне поради буџетот. Италија е предводена од екстремно десничарска влада. Белгија и Австрија имаат само привремени влади. Состојбата во Романија е непрегледна. Во Холандија, Унгарија и Словачка владеат ЕУ-скептици. Унгарскиот премиер Виктор Орбан си се уверува самиот дека за време на неговото претседавање со ЕУ го направил мирот во Украина поверојатен преку зближување со Русија. Тој со нетрпение ја очекува својата сродна душа Доналд Трамп во Белата куќа. 2025 година ќе биде бурна за ЕУ, или барем многу интересна.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија