Ахмети: Груби сам ќе се повлече ако се докаже вина
11 декември 2024Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети не се откажува од својот најблизок партиски соработник - Артан Груби, кој пред неколку дена се најде на црната листа на САД. Од пред Уставниот суд во Скопје, одговарајќи на новинарски прашања, Ахмети рече дека ако се утврди вина, Груби сам ќе се повлече од партиските функции.
„Груби е совесен и одговорен, нема потреба партијата да го отстрани, тој сам ќе се повлече од сите партиски функции“, вели Ахмети, кој е дециден дека ДУИ не ги оспорува одлуките на американскиот Стејт департмент.
Артан Груби беше висок функционер во Владата на СДСМ и ДУИ во изминатите четири години. Американскиот Стејт Департмент во понеделникот (09.12) ги стави на „црната листа“ поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ, Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Енвер Беџети, поради вмешаност во „значителна корупција“ со прифаќање мито за уривање на судските процеси против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Мијалков уште во 2022 година се најде на црната листа на САД, исто така поради корупција. На најновата листа се најдоа и членовите на најтесното семејство на Артан Груби, на кои им е забранет влезот во САД.
Право на жалба
Ахмети вели дека секој член на ДУИ има обврска, без разлика на која функција се наоѓа, на повисоките или пониските нивоа да ги спроведе платформата и избирачката програма на ДУИ.
„Господин Груби има право на жалба, ќе го води процесот насочен со факти. Ова право Груби го има во одлуката на Стејт депарментот и тој сигурно нема да му наштети ниту на неговиот политички субјект, ниту на неговото семејство, до моментот кога овој процес ќе добие финална разврска“, додаде првиот човек на ДУИ.
Поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, на почетокот на годинава предложи закон со кој некое лице доколку има рестриктивни мерки од САД или од Обединетото кралство, да не може да се кандидира на избори и да носи јавна функција, па дури и да му се конфискува имот.