1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаЕвропа

„Албанскиот модел“ ја подели Европа

18 октомври 2024

Префрлањето на мигрантите од Италија во Албанија е вистински економски, политички, логистички и конечно - поморски нон-сенс. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4lw2l
Пристигнување во Шенѓин на првите мигранти во рамки на италијанско-албанскиот договор
Пристигнување во Шенѓин на првите мигранти во рамки на италијанско-албанскиот договор Фотографија: Armando Babani/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Европскиот совет успеа да се подели уште пред почетокот на Самитот во Брисел, каде клучна беше дебатата за политиката за азил и миграција. Поделбата конкретно беше предизвикана од контроверзниот договор помеѓу Италија и Албанија за аутсорсинг на сместувањето на барателите на азил во земја која не е членка на ЕУ, или поточно од фактот што Италија деновиве го отвори својот екстратериторијален камп за процедури за азил во Албанија.

Нервозата и тензиите дополнително пораснаа поради фактот што италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека договорот со Албанија „комплетно го отсликува европскиот дух“, и што беше поддржана од неколку европски членки, како и од претседателската на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Но, токму тој „европски дух“ создаде раздор и поделби меѓу членките.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не постои никаков „Албански модел“ и дека не прифаќа своеволни скратени патишта и дека наместо тоа сака да се заложи за забрзување на Пактот за миграција и азил, каде би биле запазени „вредностите и безбедоста“ поврзани со миграцијата.

Макрон беше особено бесен на фактот дека Италија на Мелони заедно со Холандија и Данска организираа мал пред-самит, каде свое учество потврдија уште 8 земји членки: Полска, Грција, Австрија, Кипар, Унгарија, Малта, Словачка и Чешка, а во чиј фокус е токму концептот за извоз или аутсорсинг на процедурите за азил во земји надвор од ЕУ.

Германија, како што беше и очекувано, не беше дел од средбата на европските миграциски „јастреби“, додека канцеларот Шолц изјави дека центрите за брза депортација според италијанско-албанскиот модел се концепт кој може да „апсорбира ситни капки“ гледано според бројките и дека тие не се реално решение за една голема земја каква што е Германија. Германија неодамна го суспендираше Шенген и ги реактивираше граничните контроли, и од своја страна е заинтересирана за „заедничките европски решенија“ и сака делумно да ја унапреди реформата на процедурите за азил на ЕУ, која ќе стапи целосно во сила во 2026 година.

Оттука, Шолц го отфрла „Албанскиот модел“, за кој смета дека во моментов, во рамките на ЕУ, не може да пронајде правна легитимација. Со други зборови, италијанската влада, предводена од десноекстремната премиерка Џорџа Мелони, не го почитува правото на ЕУ и актуелниот договор со Албанија не може да се реплицира на европско ниво, затоа што е нелегален според постоечките европски норми.

Австрија, Унгарија на Орбан, како и Холандија на Вилдерс, ентузијастички го поздравуваат италијанскиот план како добар модел, како иновативен пристап, додека холандскиот политички лидер Вилдерс изјави дека размислува за сличен пристап, но сместен во Уганда. Многу земји членки на ЕУ сакаат да испитаат дали е можно целосно да се префрлат процедурите за азил во земји како Руанда. Британската влада досега не успеа со ваков проект.

Вистински нон-сенс

Но, како навистина помина во пракса итало-албанскиот модел за кој пишував уште минатиот ноември нарекувајќи го: „Големиот блеф на Еди Рама и Џорџа Мелони“?

Авантурата за префрлање на 16 мигранти пресретнати во меѓународните води до албанското пристаниште Шенѓин помина како вистинска фарса. За четворица од 16-те странци пловидбата низ Средоземното Море се покажа како тотално непотребна: двајца од десеттемина од Бангладеш биле малолетници, па оттука морале веднаш да се вратат во Италија, додека двајца од шестемина Египќани биле ранливи лица и не смеело да се сместат во Албанија. Излезе дека високите огради на кампот во Ѓадер се отворија за само 12 луѓе. Цената за експедицијата на поморскиот брод Либра на италијанската морнарица, кој во неделата тргна од Лампедуза, порасна од предвидените 18 на 24 илјади евра по човек.

И за човек без какво било поморско искуство станува јасно дека префрлањето на 16 мигранти до Албанија е вистински економски, политички, логистички и конечно, поморски нон-сенс. Секој морнар ќе ви каже дека никогаш не испловува со својот брод доколку патувањето го чини многу повеќе од товарот којшто го носи.

Само овој податок е доволен пред европските лидери за да се запрашаат дали ваквиот аутсорсинг на мигранти е нешто што е навистина неопходно или нешто што наликува на ефикасен, функционален и опортун пристап, особено кога станува збор за човечки суштества и луѓе фатени во мака. Која ли е вистинската предност од ваквите полу-депортации и нечовечки третирања на луѓето, па дури и од расфрлањето со државните средства?!

Јасно е дека оваа „екстернализација“ на границите всушност претставува квази-решение и обид на властите, особено оние десничарските, да го сокријат миграцискиот феномен од сопствената јавност. Притоа нема никаков доказ или податок дека ваквите пракси ќе ги осуетат нелегалните миграциски процеси. Бројот на луѓе кои стигнуваат до Италија по централниот медитерански миграциски пат од Северна Африка во 2024 година е намален за 61% во однос на 2023 година, но тоа се има случено уште пред да започне „Албанскиот модел“. Причина за тоа е што бројот на мигранти на рутите на западниот Медитеран и Атлантикот се зголемил повеќе од двојно - на 25.500 во истиот период. Бројките се зголемуваат и на рутата на источниот Медитеран кон Грција и Кипар. Досега, таму се регистрирани околу 37.000 влезови до август 2024 година. Тоа е за 39 отсто повеќе во однос на истиот период лани.

Потоа тука е прашањето дали оваа пракса ќе може да ги почитува стандардите за почитување на човековите права предвидени од меѓународните конвенции, од Судот за човекови права, па и од самите Устави на европските земји членки?! Трошоците видовме дека се астрономски, но тука е и фактот дека приемниот капацитет на албанските структури е речиси двојно помал од бројот на луѓе кои се обидуваат да пристигнат во Италија.

Конечно, проблематичен е и правниот момент. Оние мигранти кои би биле задржани во Албанија, по одлука на италијанското МВР, би требало да разговараат со бранител од Италија, и да бидат сослушани од италијански судија. Значи, при секоја постапка на задржување, Италија треба да плати за повратно патување на целиот персонал задолжен за процедурата. Доколку судија одлучи да ослободи одреден мигрант, тој мора веднаш да биде однесен во Италија. Тоа е веќе третото патување.

Каде ќе завршат лицата без документи?

Се отвора и уште прашање: во случај на отфрлање на барањето за азил или друга форма на заштита, што се случува со мигрантот? Каде ќе завршат лицата без документи за кои должност на Италија е да ги депортира? Во аутсорсинг кампот на Италија во Албанија или во италијански камп? Ова е вистинскиот проблем, затоа што земјите на потекло на мигрантите со кои Италија има договор за репатријација се многу малку, а да не зборуваме и дека самата репатријација од центрите е тежок процес, со успешност од едвај 50%. Каде ќе завршат мигрантите за кои е констатирано дека не може да се вратат во матичната земја? Во Албанија или во Италија?

Овие работи не се ни споменати во договорот помеѓу Рама и Мелони и оттука целиот проект делува осуден да загуби секаква сила и ефикасност. Единствено што ќе опстои, по висока цена и големо човечко страдање, е европскиот десничарски наратив - дека „успешно“ ги сокриле мигрантите од очите на јавноста.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема