Бајден: „Америка е посилна, нашите противници послаби“
14 јануари 2025Џо Бајден одамна не добил толкав аплауз. Една недела пред да му ја предаде функцијата на Доналд Трамп, тој повторно го доби - од персоналот на Стејт департментот на почетокот на неговото последно обраќање во врска со надворешната политика на САД.
„Америка е посилна, нашите сојузи се посилни, нашите противници и конкуренти се послаби отколку што беа пред четири години“, заклучи Бајден. Русија не постигна ниту една од своите стратешки цели во Украина. „Кога Путин ја нападна Украина, мислеше дека ќе го освои Киев за неколку дена“, рече Бајден. „Вистината е дека од почетокот на војната, јас бев единствениот што стоеше во центарот на Киев - не тој.“ Пред да ја преземе функцијата, само девет партнери на НАТО потрошиле два отсто од својот БДП за одбрана, сега се тоа 23 земји на НАТО, продолжи Бајден.
„Никогаш нема да нѐ престигнат - точка“
Во врска со неговиот главен конкурент Кина, Бајден рече дека многу експерти предвидуваа дека кинеската економија ќе ги надмине САД до 2030 година. Но, ова нема да се случи. САД се економски посилни од Кина. „Никогаш нема да нѐ престигнат – точка“, буквално рече Бајден.
Тој изрази надеж дека договор за војната во Газа е неминовен - со прекин на огнот и со ослободување на заложниците во фокусот. „Ние правиме сѐ што е во наша моќ за да го постигнеме овој договор“, рече тој. Бајден дефинитивно сака посредувањето во договорот за Газа меѓу Израел и Хамас да го забележи како свој успех. Сепак, спротивната страна, администрацијата на Трамп во доаѓање, веќе ја презема оваа цел.
„Кога и да се спроведе овој договор, тоа ќе се случи затоа се што плашат дека ќе има тешки последици за Хамас“, нагласи идниот потпретседател Џеј Ди Венс за телевизијата Фокс њус. Тој притоа мислеше на заканата на Доналд Трамп од пред неколку дена дека доколку израелските заложници не бидат ослободени до неговото преземање на функцијата, ќе настане „пекол“ за Хамас.
„Поради слабоста на Бајден“
Од републиканска перспектива, вкупниот биланс на надворешната политика во изминатите четири години изгледа многу поразлично од она што го презентираше Џо Бајден. „Претседателот Бајден ни остави апсолутно катастрофални услови“, рече Џеј Ди Венс. Израел никогаш не ги послуша советите на Бајден, претседателот преку хаотичното повлекување од Авганистан го охрабри Путин да ја нападне Украина - а Бајден тогаш беше премногу колеблив за да снабди Украина со оружје, изјави за телевизијата Фокс њус, Том Котон, републикански сенатор од Арканзас. Денешните услови настанаа „поради слабоста на Бајден“.
Дали Бајден ја зајакна или ослабе позицијата на САД во светот? За повеќето неутрални експерти, вистината е некаде помеѓу.
Текст на Ралф Борхард , АРД Вашингтон