Башар ал Асад: случаен лидер и тиранин
9 декември 2024„Докторе (Башар ал Асад), сега ти си на ред!“ гласеше пророштвото на група ученици од градот Дара. Реченицата ја испишаа на училишниот ѕид на почетокот на т.н. „Арапска пролет“ на 15 март 2011 година.
Од 8 декември годинава сирискиот владетел и диктатор веќе не е на функција и се наоѓа во егзил во Русија. Тоа значи дека режимот падна по 61 година, а тоа се слави ширум светот и на многу места со олеснување.
Владетел без војска
Долго време сојузниците на Асад, Русија, Иран и милитантите финансирани од Иран, како на пример либанската Хезболах, го држеа диктаторот на власт. Уште во 2015 година режимот беше на работ на финансиски колапс и едвај беше во состојба да ја финансира својата војска.
Сега се чини дека режимот финално остана без војници. „Сириската арапска армија предводена од Асад страда од сериозен проблем со регрутирањето нови лица, а состојбата се влоши со бегството на многу млади Сиријци во странство“, пишува на платформата Х Мохамед Албаша, основач на консултантската фирма „Баша Рипорт“, специјализирана за прашања поврзани со Блискиот Исток. Тој вели дека режимот веќе не бил во состојба да им исплатува плати на војниците.
Репресијата по „Арапската пролет“
Владетелот роден во Дамаск во 1965 година, првично не се чувствувал привлечен од политиката. Тој студирал медицина, прво во Дамаск, а потоа во Лондон, каде што специјализирал за офталмолог.
Кога татко му почина во јуни 2000 година, сирискиот устав беше сменет само за да може фактички премладиот за таа функција Башар да стане претседател наместо неговиот постар брат, кој загина во сообраќајна несреќа. По доаѓањето на власт во јули 2000 година, многу земји првично го гледаа како потенцијален реформатор. Но, кога започна т.н. “Арапска пролет“ во соседните Египет и Тунис во 2011 година, Асад веќе не сакаше да чуе за реформи.
Како што протестите во земјата земаа замав, Асад употреби и оружје против демонстрантите – и на тој начин ги претвори во бунтовници и немилосрдни непријатели на режимот, кои не сакаа ништо друго освен соборување на претседателот. Во 2011 година, САД и ЕУ побараа оставка на Асад поради воена репресија на демонстрантите и дисидентите.
Асад и неговиот режим се карактеризираа со бруталност уште од самиот почеток на побуната. Пример за тоа е употребата на отровен гас во источна Гута во 2013 година, по што низ годините следуваа и многу други. Тој немаше скрупули ниту да напаѓа училиштата и болници.
Измачувања, бегства, смрт
Околу 600 илјади луѓе станаа жртви на бруталноста на режимот. Десетици илјади беа измачувани и убивани во затворите на режимот.
Процесот пред Вишиот покраински суд во Кобленц кој заврши во пролетта 2021 година, а се водеше против релативно безначаен послушник во коморите за мачење на режимот, ја извади на виделина сета димензија на злосторствата против човештвото за кои е одговорен Асад.
Од почетокот на граѓанската војна, милиони Сиријци ја напуштија земјата од страв од насилство и репресија. Десетици илјади лица беа измачувани и убиени во затворите на режимот. Башар ал Асад зад себе остави уништена, трауматизирана и главно опустошена земја. „Ние како Сиријци денес се чувствуваме неописливо“, пишува Хајтам Алхамви од сирискиот центар „Ретинк ребилд сосајети“ во Лондон. Алхамви во 2000 година бил затворен во Сирија бидејќи јавно ја критикувал корупцијата на режимот. Неговиот дедо и неколку пријатели биле до смрт измачувани во сириските затвори.
„Со години ја повикувавме меѓународната заедница да ги заштити цивилите во Сирија, а ни кажуваа дека тоа е премногу комплицирано и премногу тешко. Сега видовме како режимот на Асад паѓа за само неколку дена“, додаде тој.
Иако Асад и неговиот режим се сметаат за одговорни за кршење на човековите права и за воени злосторства, во моментов нема потерница од Меѓународниот кривичен суд, бидејќи Сирија не го признава судот. И во Советот за безбедност на ООН, кој може да ги упати случаите до судот, Русија веројатно би ставила вето за такви обвиненија.