1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунт во Србија: опозицијата со најевтини билети

Немања Рујевиќ
6 јануари 2025

Студентските блокади продолжуваат, а властите се надеваат дека студентите ќе се заморат. За сето време, поделената опозиција сè уште не направи чекор кон обединување или кон заедничко, политичко барање.

https://p.dw.com/p/4oqqd
Студентски протести по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во Србија има со денови
Студентски протести по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во Србија има со деновиФотографија: Djordje Kojadinovic/REUTERS

Србија влезе во новата година со политичка криза каква што не памети владата на Александар Вучиќ. Додека претседателот ја заострува ситуацијата во секојдневните „обраќања“ - зборува за вмешаност на странски служби и за „лојалисти“,тврдокорното екстремно крило во неговата партија кое наводно во црквата му се колне со крв – нема сомнеж дека универзитетите остануваат блокирани. Неодамнешниот собир на Славија, најмасовниот од петти октомври, како да им даде на студентите крилја да истраат во нивните барања што ги поставија по смртта на петнаесет лица по уривањето на настрешницата во Нови Сад, како и реакцијата на властите на несреќата. Но, на митингот на Славија, како и пред и потоа, опозицијата беше - на маргините на случувањата. Како гледачи во вториот или третиот круг од стадионот, оние со поевтините билети, кои камерата нема да ги сними за време на натпреварот. Фрагментирана и ранета од претходните поделби, може ли српската опозиција да излезе со единствено политичко барање? И ако може, какво ќе биде барањето?

Идеи од медиумите

Што се однесува до Зоран Живковиќ, поранешниот премиер на Србија, демократските сили итно треба да се обединат. Според него, тоа се Демократската партија, Народното движење на Србија, Тргни-промени и Зелените – односно, како што вели, „она што може без наводници да се нарече демократска опозиција“. Наводно, Живковиќ тоа обединување веќе го предложил во една партија или барем коалиција и посочил дека сè мора да се одвива многу брзо, до средината на јануари. „Некои уште во тие разговори се изјасниле позитивно, а некои рекле дека треба да размислат, дека прво мора да ја средат ситуацијата во нивните партии“, вели Живковиќ за Н1, советувајќи ја таквата укрупнета опозиција да направи влада во сенка.

Сепак, извори на ДВ од дел од споменатите партии велат дека за таквата идеја дознале од медиумите. Еден висок опозициски политичар речиси со потсмев вели дека нема ништо од тоа. Ни до сега опозицијата не поминуваше сјајно кога „идеите“ за обединување или заеднички потези се пласираа преку медиумите. Зад нив се години на коалиции, распади, приказни за фамозни колони и референдумската атмосфера. „Сигурно е дека сѐ уште се чувствуваат последиците од расколот околу бојкотот на јунските избори, тој конфликт и расправата што следеше го продлабочи јазот во опозицијата. Меѓутоа, сега ситуацијата бара сето тоа што побрзо да се надмине“, вели филозофот Владимир Милутиновиќ.

Студентите не ги сакаат

„За доброто на демократијата во Србија, веројатно е потребно здружената опозиција да нѐ изненади исто како што нѐ изненадија наводно апатичните студенти, сега кога практично сите како едногласно бараат промена на корумпираниот систем“, додава Милутиновиќ за ДВ. Тука има мали проблеми. Имено, студентите инсистираат на тоа дека протестите се непартиски и избегнуваат контакт со опозицијата. Во подкастот „Агеласт“ деновиве тројца студенти раскажаа неколку ситуации заради кои имале чувство дека опозицијата сакала да им се „прикачи“ и од тоа да извлече политичка корист. „Ние не сакаме моќ, но ја имаме, а тие сакаат моќ, но ја немаат“, рече еден од студентите. Во таа ситуација - кога ни власта со сета медиумска машинерија не проаѓа добро кога се спротивставува на бунтовната младина - опозицијата како да работи со крената рачна кочница.

Собир во Белград организиран од студентите за време на новогодишната ноќ
Собир во Белград организиран од студентите за време на новогодишната ноќФотографија: Djordje Kojadinovic/REUTERS

За тоа сведочат и зборовите на претседателот на Движењето на слободни граѓани, Павле Грбовиќ, на прашањето од „ФоНет“ што може да направи опозицијата во однос на студентската побуна. „Да бидеме во чекор со нив, да ги поддржуваме, да не им пречиме кога добро им оди, а навистина во овој момент им оди многу добро и да ја разбереме пораката што ја испраќаат“, вели Грбовиќ.

Како да не се пречи

Некои аналитичари на политичката сцена со доза на цинизам би го потврдиле токму тоа - дека најпаметно е опозицијата „да не пречи“. Други забележуваат дека студентите, дури и ако се изборат за нивните барања, не може да се кандидираат на избори и да го променат системот и дека тоа едноставно е работа на опозицијата и дека мора да почне да си ја работи. До душа, Грбовиќ ја застапува идејата за преодна влада, на што Вучиќ и неговата придружба реагираат како попарени на самото споменување, тврдејќи дека опозицијата сака да дојде на власт без избори. Како што вели Грбовиќ, тоа е лага, бидејќи преодна влада би подразбирала дека власта ја делат сегашниот режим, опозицијата, експерти и студентите и дека таквата влада би била привремена сѐ додека не се утврдат одговорните за уривањето на покривот. А, после тоа? Тоа, вели Грбовиќ, би се решило еден ден на слободни избори, но долг е патот до таму.

Павле Грбовиќ, претседател на Движењето на слободни граѓани
Павле Грбовиќ, претседател на Движењето на слободни граѓаниФотографија: DW/N. Rujevic

„Студентите и опозицијата си требаат меѓусебно“

Како и да е, со идејата за преодна влада, опозицијата не излезе обединета. Според сознанијата на ДВ, за сега нема сериозни разговори и не постојат, а кога и дали ќе - не се знае. „Мислам дека студентите и опозицијата си се меѓусебно потребни. На повикот на студентите се собраа сто илјади луѓе да ги поддржат во нивното барање за општествени промени. Опозицијата тоа никако не можеше“, вели Владимир Милутиновиќ. „Од друга страна, промени во сферата на политиката може да донесат само опозициските политичари, бидејќи студентите бараат да се промени токму ова што е сега. Целата оваа ситуација мораше да ја направи опозицијата многу поактивна“, заклучува нашиот соговорник. Тешко е да се предвиди до кога студентите би можеле да издржат со блокадите, дали ќе продолжат протестите во други општествени групи - просветните работници, земјоделците, адвокатите - и дали побуната против власта би можела да стане помасовна, или да стивне. Таа поминува без единствен настап на опозицијата и единствено политичко барање на луѓе кои би требало да се алтернатива на актуелните власти. А, некако сите се согласни дека - ако опозицијата нешто направи - тоа треба да биде брзо, уште за време на овие празници. Во спротивно, може да биде пропуштена уште една шанса.