1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Чоколадото станува сѐ поскапо

Ник Мартин
28 декември 2024

Високата цена на чоколадото, предизвикана од лошата жетва на какао и недостигот на ѓубрива, се одразува и на божиќната трговија. Горко искуство за одгледувачите на какао во Африка, кои сега заработуваат помалку.

https://p.dw.com/p/4oZCv
чоколадни Дедомразовци
Чоколадниот Дедо Мраз е омилен за Божик, но годинава е многу поскап отколку ланиФотографија: CHROMORANGE/picture alliance

Падот на инфлацијата во многу земји помогна празничниот буџет да не се соочи со дополнително оптоварување, освен кога станува збор за чоколадо! Додека потрошувачите во Германија се снабдуваа со резерви за празниците, локалните медиуми објавија дека детски чоколаден Дедо Мраз чини речиси 50% повеќе. Уште пред почетокот на божиќните набавки британската организација за потрошувачи „Вич“ предупреди дека цените на табли чоколада и на отмени чоколадни бонбони во Велика Британија се речиси двојно зголемени.

Еден француски производител на чоколада неодамна за регионалниот дневен весник „Квест Франс“ изјави дека сега плаќа до 12 илјади евра за еден тон какао - главната состојка во чоколадото - во споредба со 3 илјади евра пред една година.

Најлошиот кошмар за „чоко-холичари“

Се чини дека светот е погоден од голема „какао инфлација“. А, ако се водиме по трговците со какао, нештата ќе станат уште полоши. Суштината на проблемот е големиот недостиг на какао по катастрофалната жетва во западна Африка предизвикана од вирус што ги напаѓа какао стеблата и се шири од дрво на дрво и може да го намали приносот од жетвата за 50 проценти за само две години. Покрај климатските промени, особено влажната сезона на дождови предизвикана од временскиот феномен Ел Нињо, исто така придонесе за пропаѓање на посевите. Освен тоа, има недостиг од ѓубрива по руската инвазија во Украина, бидејќи војната постојано го прекинуваше извозот преку Црното Море.

Идните набавки на какао на Лондонската интерконтинентална берза, т.н. „фјучерси“, се тргуваа по 8.363 британски фунти (10.671 долари, 10.136 евра) за метрички тон минатата недела, што е петкратно зголемување на цената во однос на декември 2022 година и речиси тројно зголемување на цената во последните дванаесет месеци. „Последното зголемување се должи на загриженоста дека жетвата на Брегот на Слоновата Коска и Гана би можела да не ги исполни очекувањата. Тоа би го намалило потенцијалниот производствен вишок од 2024/25 година“, вели Стив Вотериџ, раководител на истражувањето при „Тропикал Рисрч Сервисис“ во Лондон.

Вирусот е „катастрофа“ за какао одгледувачите

Вотериџ ги опишува последиците од вирусот на какаото како „катастрофа“, додавајќи дека „очигледно малку се прави за да се спречи ширењето во Брегот на Слоновата Коска и во Гана, така што ситуацијата само ќе се влошува во иднина“.

Микеле Нардела, директор за економија и статистика во Меѓународната организација за какао, верува дека сега е клучно да се промовираат програми за одржливост за  производителите во Африка за да се подобрат нивните земјоделски практики.

„Малите земјоделци не се нужно свесни за влијанието на вирусот врз приносите и можеби не знаат како да го ублажат“, вели за ДВ Нардела, кој живее во Абиџан. „Можеби се двоумат дали да ги искорнат дрвјата, бидејќи какаото е нивниот единствен извор на приходи“, вели тој.

Пјер Андуранд, основач и директор за инвестиции на „Андуранд капитал менаџмент“ неодамна во „Фајненшал тајмс“ предупреди од „повеќегодишен структурен дефицит помеѓу понудата и побарувачката на зрна какао“ и дека „ќе има многу повисоки цени“. Андуранд вели дека глобалното производство на какао во сезоната 2023-2024 веќе е намалено за 13 отсто. Залихите на какао во Европа и во САД се само 25 проценти во однос на нивото од декември 2023 година, што е најниско ниво од кога се води статистика.

Имаат најмногу какао, а не јадат чоколадо

Други аналитичари на цената на какаото, како што е Сојузната асоцијација на германската кондиторска индустрија, која ги застапува интересите на повеќе од 200 производители на слатки, стравуваат дека цифрите во однос на производството би можеле да бидат „неверодостојни“. „Има контрадикторни бројки за вкупната жетва во западна Африка. Додека некои проценки укажуваат на намалување на количините, пристигнувањето на испораките од одгледувачите во пристаништата - многу важен индикатор - значително се зголеми во споредба со истиот период минатата година“, велат од асоцијацијата во писмениот став за ДВ.

Германското Министерство за економска соработка и развој проценува дека само околу седум центи од секое евро потрошено на табла чоколадо оди кај одгледувачите на какао, додека производителите и трговците ги земаат останатите околу 80 центи.

Гана со мерки против шверцот

Фармерите во Гана, вториот по големина производител на какао по Брегот на Слоновата Коска, во очекување на повисоки цени започнаа да депонираат залихи, што го засилува недостигот.

Владата на Гана неодамна најави зголемување на исплатите за фармерите за речиси 50 проценти со цел да се спречи чување залихи и шверц во соседните земји, каде што цените на какаото се повисоки. Според Кокобод, здружение за какао во Гана, таа земја изгубила повеќе од една третина од своето производство на какао поради шверцот минатата сезона.

Како од зрна какао настанува чоколадо?

Зголемувањето на цените досега имаше само ограничено влијание врз побарувачката. Во Германија потрошувачката на чоколадо по глава на жител се зголеми од нешто повеќе од 9 килограми (19,8 фунти) во 2018 година на речиси 9,9 килограми во 2023 година. Податоци од фирмата за истражување на пазарот „Ник“ укажуваат на тоа дека продажбата на чоколадо паднала за 1,3 отсто во последните 12 месеци. Според фирмата за истражување на пазарот „Циркана“ со седиште во Чикаго, продажбата на чоколадо во САД паднала за 5,5 отсто до јуни, во што не се вклушени продажните бројки од шпицот пред Божик.

Жетва на нови површини дури по години

Конкуренцијата само чека да го зголеми производството доколку приносите на какао во западна Африка продолжат да опаѓаат. Нардела истакнува дека „производството во Африка се намалило, додека во Азија и Океанија е константно, а се зголемило во Латинска Америка“. Некои фармери во Индија, кои во моментов сочинуваат само еден процент од глобалното производство на какао, недостигот го сфаќаат како шанса. И додека производството во Индонезија, третиот по големина производител на какао во светот, го достигна својот врв во 2010 година, владата се обидува да го зајакне секторот со субвенционирање на програми за засадување нови какао-стебла. Од јануари до октомври, извозот на какао во Индонезија се удвоил за само една година и достигнал 2 милијарди долари, покажуваат податоците на „Џакарта пост“. „Фармерите во други делови на светот веќе реагираа“, вели за ДВ, Вотериџ, угледен експерт за какао. „Годинава очекуваме рекордно производство во Еквадор, Перу, Камерун, Нигерија, Демократска Република Конго и Уганда“, додава тој.

Гана како
Владата на Гана неодамна најави зголемување на исплатите за фармерите за речиси 50 проценти со цел да се спречи чување залихи и шверц во соседните земјиФотографија: Xu Zheng/Xinhua/picture alliance

Но, дури и ако се стават на располагање големи површини за одгледување на какао, вообичаено се потребни четири години додека да се дојде до жетва. Тоа значи дека кризата веројатно ќе продолжи. Вотериџ проценува дека неодамнешното зголемување на цените на какаото ќе стаса до крајните потрошувачи за шест до девет месеци. Тоа значи дека божиќното чоколадо следната година би можело да биде уште поскапо.

„Два најважни фактори ќе бидат дали состојбата со жетвата дополнително ќе се влоши и дали повисоките цени значително ќе влијаат на потрошувачката за време на клучните продажни сезони околу Божик, Денот на вљубените и Велигден“, вели тој за ДВ.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик