1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да Вучиќу, во Србија е невозможно „македонско сценарио“

6 декември 2024

Вучиќ си бара непријатели кои најверојатно во Србија не ни постојат, и ја заплашува јавноста со сценарија, кои дури и да постојат не можат да изведат нешто такво во Србија како што се изведе во Македонија.

https://p.dw.com/p/4nnFK
Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Пред некој ден Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека целта на протестите во Србија е насилно соборување на демократски воспоставената власт и дека опозицијата во Србија оди по патот на шарената револуција во Северна Македонија.

„Мислите дека е генијално тоа што ги обоивте бехатон плочите со црвена боја, кои нема да можат целосно да се исчистат? Дали мислите дека тоа беше нивна идеја? Најдете ги снимките од 2016 година, потполно истото сценариово Северна Македонија. Потполно на ист начин го бојадисаа главниот плоштад во Скопје. Газдата и спонзорот секогаш беа исти, а жртви беа народите врз кои се правеа шарени револуции. Тоа нема да се случи во Србија, бидете сигурни“, ќе заклучи Вучиќ.

По серијата дефокусирања и мали концесии после трагичната несреќа во Нови Сад, каде прво апсеше свои партијаши и опозиционери, па предупредуваше од нуклеарен холокауст, па се случи тепачката во српското Собрание, па следуваше експлозија на каналот Ибар-Лепеница кај Зубин поток, сега Вучиќ прејде во офанзива и тргна со предупредувања кон опозицијата. Нормално, и во овој последен дефокус мораше да се вмеша Македонија и шарената револуција.

Нормално, како и за многу други работи, семоќниот српски лидер кажа една разоружувачка очигледност, односно, дека во Србија нема да се случи слична револуција. И да знаете, Вучиќ е во право кого тоа го кажува, а го кажува токму затоа што знае дека за такво нешто во Србија не постојат речиси никакви предуслови. Со други зборови, Вучиќ си бара непријатели кои најверојатно во Србија не ни постојат, и ја заплашува јавноста со сценарија, газди и спонзори, кои дури и да постојат и да сакаат не можат да изведат нешто такво во Србија како што се изведе во Македонија. Најмалку од кој било друг, такво нешто би можела да изведе српската опозиција. Но, тоа не значи дека Вучиќ не може да создава привид, да заплашува или да се заканува, од нешто што е комплетно нереално, затоа што и самиот одлично знае дека во српските владејачки кругови единственото нешто со коешто не смее да се заканува и за кое треба да остане траен гарант, е дека во Србија нема да се случи некаков си нов 5-ти Октомври. Плаши го народот со туѓи сценарија, за да заборави на сопствените сценарија.

За македонско сценарио потребни се македонски предуслови

Секогаш низ овие години сум ја застапувал тезата дека за изведување на некаква си внатрешна револуција, шарена, обоена или каква и да е, потребно е да се исполнат неколку клучни предуслови. Единствено нешто што шарената револуција ја доближува како сценарио до српските услови е времетрањето на режимот, кој во Македонија кулминираше после 11 години, а во Србија веќе комотно ја нагризува својата 12-та година.

За македонско сценарио, се разбира потребни се македонски предуслови, политика и општество, а потоа потребна е и одредена хронологија или редослед на настани, за нешто слично успешно да се реализира. Тоа не значи дека во технологијата на рушењето на власта, македонското сценарио е апсолутно автохтоно, автархично и неприменливо макар и во регионот, туку дека, некои аспекти се поважни од други или дека без нивно постоење, таков преврат е невозможен.

Вучиќ како прво не ги повторува основните грешки на Милошевиќ или Груевски ако сакаме, затоа што го избегнува ирационалниот судир со Западот. Тоа му дозволува да одржува потрошувачко општество, да зема кредити, да игра со Западот и Истокот, додека дома стабилно ќе води сметка за лојалноста и ефикасноста на партискиот и преторијанскиот сектор. За разлика од еден Груевски кој беше премногу ограничен за својата, но и за судбината на земјата и упорно отфрлаше секаков договор со Грција и влез во НАТО, Вучиќ преку договорот со Косово, никогаш докрај реализиран, но постоечки, си купи децениски мир и стабилократија. Тој мир и стабилност му дозволуваат, повторно, не така нерационално и фушерајски како Груевски, да направи од Србија градилиште, а од себе неимар. Се разбира, во таа амбиција му се случи трагедијата во Нови Сад, но не верувам дека таа ќе биде доволна каписла за да го собори од власт, иако со народниот бес никогаш не се знае. А бесот и револтот во Србија допрва ќе растат.

Од надворешно политички аспект, за разлика од времето кога се случи „Шарената“ во Македонија, на Вучиќ му оди во прилог што помина една пандемија и се случуваат две војни, додека во исто време се води тивка војна за светскиот поредок, каде ниту Америка, а камоли Европа, немаат време, ниту интерес предлабоко да се бават со Балканот. Враќањето пак на Трамп, и неговата зафатеност со лустрирање на американската длабока држава, најверојатно ќе ја поштеди Србија и српската длабока држава од бавење со нив. Конечно, Вучиќ мошне агилно и крајно парадоксално кокетира помеѓу лажната европска агенда и патриотското замајување на јавноста, каде повеќето Срби веруваат и се сладат како тоа нивниот лидер успешно ги превеслува Европјаните, додека профитабилно игра со Русите, Кинезите, па дури и со „Америте“.

Отпорот е залуден!

Србија нема реално структурирана опозиција, јавно признаен опозициски лидер или нешто што наликува на обединета општествена и политичка опозиција. Во негова корист оди и фактот што владее со рурална Србија и што оние кои во 90-тите беа против Милошевиќ, денеска не сите се против Вучиќ, додека сите што беа за Милошевиќ, денеска и понатаму се за Вучиќ. Разно-разните партии сателити на Напредњаците на Вучиќ и огромниот број на конвертити во општеството и политиката, ја одржуваат стабилноста на режимот на Вучиќ. Единствено што Србија на Вучиќ има слично со Македонија на Груевски, односно, во далеку поголем број и квалитет, но сепак залудно, е опаѓачката и во залез интелектуална средна класа која ревносно протестира, но која сама по себе не е доволна за промена на режимот. Таква е „кваката“ на српскиот режим, тежок е да се собори и не може да се реформира, може само да прави опортуни отстапки. Кога би се реформирал, би се срушил одвнатре, а за да се сруши однадвор, мора да се реформира.

Вучиќ веќе 12 години владее во Србија
Вучиќ веќе 12 години владее во СрбијаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Конечно, Србија на Вучиќ нема големо малцинство, нема консоцијални механизми и не е мултиетничка држава ни во смислата, ни во духот, а особено не според Уставот на Македонија. Помалку апсурдно, но Вучиќ да го имаше Косово и барем 20 албански пратеници во Собранието, ќе имаше далеку поголем проблем или барем сличен како оној за режимската власт во Македонија, па макар и албанските партии биле дел од режимот. Тоа значи дека во Србија нема малцинска сила која би одржувала тензии, ниту пак етничка политичка партија која би му откажала коалициска помош, дури и кога би победил на избори. А Вучиќ победува на избори, како што и Груевски победуваше и во судбоносниот час, иако според нивни стандарди или макар и против нив (пред)изборно склепаните иновации.

Оттука, и овој последен повик на Вучиќ против дестабилизацијата на демократски избраната власт или опасноста од шарените револуции, треба да се сфати како нормална режимска динамика на производство на „внатрешни непријатели“, мистификација на нарачателите и спонзорите, но и патриотски и внатрешно обединувачки крик и порака дека никој не е посилен од власта, партијата и нејзините инструменти, и дека за народот е полесно (и подобро за него) да притрча во спас на нацијата и српството, отколку да замислува дека треба да го руши. Особено не по некакво си „шарено“ или „македонско сценарио“, кое видовме како заврши. Пораката на Вучиќ кон Србите е дотолку помоќна и зајакната заради нашиот македонски неуспех.

Џабе веслате или борговски кажано: Отпорот е залуден!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.