1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тубуленции во Судскиот совет: Дамева поднесе оставка

ДТЗ
2 декември 2024

На прес-конференција во Скопје, Весна Дамева посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во судството коешто е „опструирано од власта“.

https://p.dw.com/p/4ndsU
Весна Дамева
Тубуленции во Судскиот совет- Дамева поднесе оставкаФотографија: Petr Stojanovski

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, непосредно пред истекот на мандатот поднесе неотповиклива оставка од раководната функција, но и понатаму останува член на Советот.  „Нема да дозволам никој да го валка мојот образ и углед“, порача таа, образложувајќи дека одлуката ја носи поради притисоци од власта, но и со цел да го заштити својот углед и семејството.

На прес-конференција во Скопје, Дамева посочи дека нема слух за подобрување на состојбите во судството коешто е опструирано од власта. „И премиерот Христијан Мицкоски и политичарите од владејачката гарнитура од собраниска говорница или преку прес-службата изразуваат негативен став кон Судскиот совет и негови членови. Но, најпоразително е што искажуваат негативен став кон судиите, од кои најголемиот дел навистина не го заслужуваат тоа. Сметам дека единствено нешто што ми останува е да го зачувам мојот личен интергитет и мирот и спокојството на семејството“, рече Дамева. 

Судски совет
На прес-конференција во Скопје, Дамева посочи нема слух за подобрување на состојбите во судството коешто е опструирано од власта.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Обиди за нарушување на интегритетот 

Таа вели дека изминатиот период, особено последните месеци од страна на одредени политичари се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. „Премиерот Христијан Мицкоски, токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некакви кланови и се фалсификуваат записници“, рече таа. 

Оставката на Дамева следи откако премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека почнува робусна акција против корумпирани судии и обвинители, со кои „ако треба ќе се справат и на поинаков начин“. 

„Мислам дека имате претстава дека не функционираме како естрада и јас сега нема да кажувам како што во минатото се случуваше пред камери и медиуми или да носам специјални полициски единици и да понижувам луѓе. Имаме план и од понеделник почнуваме со имплементација на планот. Доволно беше чекање. Чекавме, дадовме шанса, очигледно дека прежестоки напади на дијареја, грчеви во црева, главоболка, анксиозност кога треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата, кај поедини обвинители“, изјави Мицкоски на 29 ноември. 

Христијан Мицкоски
Оставката на Дамева следи откако премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека почнува робусна акција против корумпирани судии и обвинители, со кои „ако треба ќе се справат и на поинаков начин“.Фотографија: Government of North Macedonia

Тој изминатите месеци притиска за коренити промени и  распуштање на Советот на обвинители и Судскиот совет, што предизвика бранувања и во Северна Македонија, но и кај меѓунардните тела. ЕУ и САД изразија загрижување поради ваквите најави, кои што сметаат дека се мешање во независноста на судството.

Весна Дамева се врати на раководната позиција во Судскиот совет во јануари годинава, откако претходно беше разрешена во мај 2023 година кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд. Незаконското разрешување на Дамева го наруши кредибилитетот на Судскиот совет,  на чија сметка имаше повеќе реакции во јавноста, а се најде како издвоен случај и во Извештајот на Европската комисија за  напредокот на Македонија кон стандардите на ЕУ, а во земјата присуствуваше и Оценска мисија на Унијата, која даде над 40 препораки за реформа на Судскиот совет.