1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитриеска-Кочоска за ДВ: Растот го темелиме на инвестиции

Костадин Делимитов
2 јануари 2025

Владата има амбиција 2025 година да биде во знакот на економијата. Дали и како ќе успее во намерата? За ова за ДВ говори министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

https://p.dw.com/p/4ojKE
Mинистерката за финансии на РСМ, Гордана Димитриеска-Кочоска
Mинистерката за финансии на РСМ, Гордана Димитриеска-КочоскаФотографија: www.finance.gov.mk

По турбулентната 2024, Владата влегува амбициозно во 2025 година. Со прв буџет скроен по сопствена мерка, се планира поттикнување на економскиот развој и подобрување на условите за живот на граѓаните. Се планираат инвестиции, засилени реформи, повисоки плати и пензии, но не и зголемување на старосната граница за пензионирање.  Во интервјуто за Дојче веле,  министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска зборува како би се реализирал планот 2025 да биде година на економијата.

ДВ: Министерке, 2024 година како изборна година беше многу предизвикувачка на економски план. Кога дојдовте на функција, предупредивте дека во народната каса има драматична дупка и катастрофална состојба а сега, седум месеци подоцна велите дека се движиме во вистински правец и економијата ќе расте. Како е можна ваква промена за олку краток период, или од позиција на власт можеби се гледа низ друга диоптрија?

Димитриеска-Кочоска: Да, состојбата беше многу полоша од она што го очекувавме. Познато е дека буџетската сметка беше во минус, планираниот дефицит беше потрошен над 70%, а имаше оставено и многу отворени прашања, односно недоволно планирани средства за исплата на законски стекнати права и доспеани обврски. За сето тоа беше изготвен ребаланс на буџетот и сега на крајот на годината може да кажеме дека буџетот се реализира согласно планираниот ребаланс од наша страна, со кој имаше планиран раст на приходите  во однос на иницијалниот буџет за 2024 година и тоа без никаква промена на даночната политика. Го поставуваме прашањето на што се должи тоа и би рекла се должи исклучиво на работењето согласно со законите. Ние имаме законски прописи согласно кои може да ги прибереме приходите во буџетот, но треба да бидеме посветени на тоа и да сакаме да ги почитуваме. Тоа сега го гледаме и во Царинската управа и во Управата за јавни приходи, како и во другите органи кои се под надлежност на Министерството за финансии, а кои се во улога на чувари на државната каса. Податоците говорат за тоа дека преку растот на вкупните приходи во буџетот кој е над 10%, раст се бележи кај сите даноци, како и кај увозните давачки. Воедно и на расходната страна имаме позитивни раздвижувања во насока на тоа да ги сервисираме старите обврски, но нови и дополнителни непродуктивни не создаваме, што може да се види и од обврските кои институциите ги пријавуваат во системот ЕСПЕО.

ДВ: Буџетот за 2025 година почива на економски раст од 3.7%. Ова е нешто повисоко од проекциите на Народната банка која прогнозира 3,3% раст. Дали ова е амбициозно сценарио, или соодветно на капацитетите? Или, што ќе биде клучно за да се исполни оваа прогноза?

Димитриеска-Кочоска:  Проекцијата за економски раст за 2025 година  ја темелиме пред се на нашиот нов концепт, а кој се темели на инвестиции. Инвестициите, и во јавниот и во приватниот сектор, се тие на кои ги темелиме нашите проекции и уверени сме дека ќе ги реализираме. На терен се работи. Има многу проекти во јавниот сектор кај кои е забрзана динамиката, се работи на реализација и на проектите кои ги спроведуваат со поддршка на Владата општините, а ќе почне и еден значаен инвестициски циклус во приватниот сектор кој исто така е поддржан од Владата. Исто така, податоците за третиот квартал од оваа година се позитивни во однос на остварувањата претходно, а и за четвртиот квартал се очекуваат подобри резултати. Така што очекувањата се дека и  растот за оваа година би бил над проекцијата од 2,1%  и дека од тој аспект се очекува и наредната година да се реализира планираниот раст. Она што е најважно е реално да се постават работите и на таква реална основа да се темелат прогнозите. Веруваме во капацитетите на Владата и енергијата што ја носи со цел да се остварат повисоки стапки на економски раст.

ДВ: Со ребалансот го зголемивте дефицитот од 3,4% на 4,9%, а во буџетот за 2025 година проекциите се тој да изнесува 4%. Како на овој начин ќе се стабилизира јавниот долг?

Димитриеска-Кочоска: Фискалната консолидација е многу значајно прашање на кое ќе работиме во наредниот период. Со Фискалната стратегија за пeриод 2025-2029 на среден рок е поставена траекторијата за фискална консолидација која треба да не одведе од нивото 4,9% колку што е во 2024 година до 2,8% од БДП во 2028 година, а соодветно на тоа, ќе дојде до намалување и стабилизација на нивото на јавниот долг. На кој начин - преку подобра наплата на приходи, намалување на расходи за несуштински потреби, бескомпромисна борба со корупцијата, како и преку подобро планирање и реализација на капиталните инвестиции кои додаваат вредност на економијата. Зошто е ова важно последното, за да се избегне состојба да прекинуваме проекти како што имаме  ситуација сега. Наследивме проекти од претходната Влада кои очекувавме дека ќе се реализираат, но се појавија објективни проблеми поради кои се прекинуваат. Затоа се оди со законски измени да се прави процена на проектот и понатаму да се создаде листа на проекти кои ќе имаaт приоритет да се обезбедуваат средства за нивна имплементација. Поточно да се задолжуваме само за проекти кои ќе се реализираат и кои ќе имаат додадена вредност.

ДВ: Македонската економија е тесно поврзана со германската која важи за наш главен трговски партнер. Сигналите не се добри, стравувате ли дека ова може да ги поремети проекциите за 2025 година од аспект на приходи во буџетот и воопшто за економскиот амбиент? 

Димитриеска-Кочоска: Македонија како отворена економија секако е на удар од случувањата во глобални рамки, особено на  случувањата во германската економија,  затоа и она што го говорев претходно, имаме нов концепт кој се темели на инвестиции со цел да се влијае на некој начин тоа негативно влијание што би се појавило од слабите резултати кај нашите надворешни партнери да го замениме со реализација на инвестициите. Затоа најголемо влијание врз растот на БДП за следната година, кој, нели е проектиран а 3,7% го темелиме на инвестициите. Имено, се очекува бруто-инвестициите да имаат раст од 8,1% пред се како резултат на интензивирање на реализацијата на големите инфраструктурни проекти.

Mинистерката за финансии на РСМ, Гордана Димитриеска-Кочоска
Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска: Зголемување на старосната граница за пензионирање лично не сметам дека треба да има, а и премиерот го изнесе ставот дека нема да има промениФотографија: Regierung Nordmazedonien

ДВ: Капиталните инвестиции се во рекорден износ. Делува амбициозно, ќе видиме ли конечно висок процент на искористеност или можеби целосен? 

Димитриеска-Кочоска: Она што е најважно е да направиме разграничување во буџетот што претставуваме како капитални инвестиции. Така што ако погледнеме во 2023 година имало висок процент на реализација на капитални инвестиции, но тука се вклучени и трансферите кон ЕСМ, општини, аванси. Значи тоа не се проекти, дел од овие средствата се користеле за плати, суровини и сервисирање тековни расходи.

Она што го правиме ние е преку бројките коишто ќе ги претставиме да ја прикажеме реализацијата на вистински проекти. Верувам дека ќе имаме целосна реализација на планираните капитални расходи во буџетот од 47,2 милијарди денари.  Се работи на терен од надлежните министерства, некаде имаме забрзана динамика и очекуваме да имаме одлични резултати на крајот на следната година.

ДВ: Буџетот е развоен, но сепак доминантно социјален и во голем дел насочен кон обезбедување на пари за плати и пензии. Има ли доволно средства за ова да се сервисира, заедно со планираните зголемувања на платите и пензиите. Или можеби ќе треба дополнително да се задолжуваме?

Димитриеска-Кочоска: Во буџетот се планирани средства за сервисирање на сите предвидени обврски согласно законските прописи и секако обврски кои доспеваат. И за најавеното линеарно зголемување на пензиите од 2.500 денари од март 2025 година, како и за раст на платите на вработените во јавниот сектор, исто така од март 2025 година, согласно законските обврски. Клучно е дека задолжувањата што се планирани, односно буџетскиот дефицит е пред се за капитални проекти, затоа што имаме планиран висок износ на капитални расходи од 47,2 милијарди денари. Затоа овој буџет има развоен карактер, со вклучена социјална компонента. Имено, ќе се работи на засилување на ефикасноста во прибирањето на изворните приходи во буџетот пред се преку почитување и работење согласно со законите.

ДВ: Домашни експерти, но и Светска банка сугерираат зголемување на старосната граница за пензионирање и даночни зголемувања за да може да се издржи товарот по овој основ без проблеми. Го делите ли овој нивен став, размислувате ли можеби на слични сценарија, или категорично сте против?

Димитриеска-Кочоска: Зголемување на  старосната граница за пензионирање  лично не сметам дека треба да има, а и премиерот го изнесе ставот дека нема да има промени. Решението на проблемот не треба да го бараме во зголемување на старосната граница, ниту пак со зголемување на даноци. Решението треба да го бараме во ефикасно собирање на средствата пропишани со закон, борба со сивата економија и слично. Прашање кое треба да се анализира е влијанието на уплатите кон Вториот пензиски столб. Но тоа се прашања на кои треба да се работи со цел да се стабилизира финансиската состојба на Фондот на долг рок.

ДВ: Оперативни стануваат парите од унгарскиот кредит, едните за инвестиции, кои допрва треба да се делат преку банките, а вториот дел, кој е со повисок износ за раздолжување. Колку беа тешки преговорите со комерцијалните банки и дали сметате дека договорот кој се постигна е фер?

Димитриеска-Кочоска: Условите под кои ќе се пласираат кон крајните корисници, односно компаниите се навистина поволни. Станува збор за историски најниска каматна стапка од 1,95% и рок до 15 години. Ова е многу значајно, за компаниите да се охрабрат да влезат во реализација на инвестицијата за која ќе треба да плаќаат после 3 години, бидејќи е вклучен грејс период, и рок до 15 години на отплата. Истовремено и постигнатиот  договор за каматата од само 1,95%.  Во однос на тоа дали е фер, ќе ја искористам приликава да се заблагодарам на банките за поддршката која и ја дадоа на Владата. Фактот што сите банки се вклучија и покажаа интерес говори за тоа дека станува збор за фер договор.

ДВ: Сивата економија која според некои проценки изнесува над 30% сериозно го поткопува потенцијалот за развој. Вашите претходници постојано ветуваа, но реално испорачуваа слаби резултати околу ова. Што правите Вие за ова?

Димитриеска-Кочоска: Накратко,  ги  почитуваме законите.  И да, врз основа на професионално работење и исклучиво согласно законите и во Царинската управа и во Управата за јавни приходи се евидентираат подобри резултати во работењето, преку раст на приходите и кај даноците и кај увозните давачки. Секојдневно слушаме информации за спречен обид за шверц на границата. Тоа е почетната алка каде треба  да го пресечеме синџирот на злоупотреби  кој понатаму ќе се прелее во целиот систем. Има постојана координација помеѓу институциите и размена на информации, иако тоа во моментов е малку на потежок начин, но со дигитализација на процесот во многу ќе се олесни. Веќе се работи и на воведување е-фактура, така што во наредниот период очекуваме поуспешно справување со сивата економија. Секако комуникацијата помеѓу институциите, пред се мислам на УЈП, Царина, Финансиска полиција, Финансиско разузнавање и Бирото за јавни набавки има голема улога во борбата со сива економија. Многу сум горда што сите институции кои се во состав на МФ имаат одлична соработка и верувам дека со вкрстени контроли благодарение на таа соработка ќе имаме одлични резултати во периодот којшто следи. Имаме многу работа, но верувам во посветеноста и капацитетите на институциите.

ДВ: Што според вас е пореално да се очекува, побрзо да станеме земја членка на ЕУ, или можеби побрзо да фатиме чекор со дел од земјите членки на Унијата, од аспект на стандардот, продуктивноста. Можно ли е второто да се оствари без првото со задоволителни ефекти и како до тоа?

Димитриеска-Кочоска: За мене вистинскиот пат до ЕУ и зачленување е преку имплементација на реформите. И затоа фокусот треба да биде ставен на работа на домашен терен. Да создадеме функционален систем, институции кои ќе даваат квалитетни услуги, подобро образование, подобро здравство, посилна економија, а со сето тоа и повисок животен стандард. Сето ова зависи исклучиво од нас и тука треба да го дадеме својот максимум. Затоа ние членството  во ЕУ  треба да го гледаме низ призмата на подобрување на работите дома и транзиција на земјата од земја во развој кон земја која ќе припаѓа во развиениот свет.