1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЈемен

ОН ја критикуваат ескалацијата меѓу Израел и Хутите

СН/агенции
27 декември 2024

Хути милицијата постојано го напаѓа Израел со ракети. Израелската војска сега возврати со воздушни напади врз цели во Јемен, меѓу нив и аеродромот во Сана каде под оган се најде и шефот на СЗО. ОН реагираа со критика.

https://p.dw.com/p/4oc43
Чад над меѓународниот аеродром во Сана по израелскиот воздушен напад
Чад над меѓународниот аеродром во Сана по израелскиот воздушен нападФотографија: Osamah Abdulrahman/AP/picture alliance

По повторените ракетни напади од Јемен врз Израел, израелските сили нападнаа цели во земјата разурната од граѓанска војна. Според израелски воени извори, воздухопловните сили ја нападнале инфраструктурата на проиранската милиција Хути на меѓународниот аеродром во јеменската престолнина Сана. Покрај тоа, нападнати се цели во неколку пристаништа, вклучително и во Худејда, и две електрани. 

Шефот на СЗО под оган на аеродромот во Сана

Според податоците на Министерството за здравство, кое е под контрола на Хутите, во нападите загинале вкупно шест лица, а повеќе од 40 се повредени. Набргу потоа, во текот на ноќта од Јемен била истрелана уште една ракета кон Израел. Пресретната била надвор од границите на земјата, соопшти израелската армија

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус, кој беше на аеродромот во Сана за време на израелскиот воздушен напад е неповреден.

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом ГебрејесусФотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Меѓутоа, во нападот се здобил со сериозни повреди еден член на воздушниот екипаж на ОН, соопшти денеска портпаролот на Светската здравствена организација. Тој работи за хуманитарната авијациска служба на Обединетите нации и сега се опоравува во болница, рече портпаролот.

ОН со осуда на ескалацијата во Јемен

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во меѓувреме, реагираше со осуда ескалацијата меѓу бунтовниците Хути во Јемен и Израел по особено загрижувачките израелски напади на аеродромот во Сана, изјави портпаролот на ОН.

„Генералниот секретар ја осудува ескалацијата. Израелските воздушни напади врз меѓународниот аеродром во Сана, пристаништата на Црвеното Море и електраните во Јемен се особено алармантни“, се вели во соопштението на портпаролот.

Од почетокот на војната во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година, Хутите започнаа бројни напади врз Израел, во знак на солидарност со Палестинците.