Еврокомесарот за одбрана предупредува на руски напад
13 декември 2024Новиот комесар за одбрана на ЕУ предупредува на руски напад и бара побрзо повторно вооружување во Европа. „Да бидам искрен, не сме доволно подготвени за напад. Ќе бидат потребни години додека ние во Европа ги имаме капацитетите што се бараат во плановите на НАТО“, изјави Андриус Кубилиус за Редакциската мрежа Германија (РНД).
Кубилиус се осврна на изјавите на тајните служби дека Русија ќе биде подготвена да ги нападне државите на ЕУ во 2030 година. „Експертите велат дека Русија сега произведува повеќе тенкови отколку што распоредува на фронтот“, предупреди еврокомесарот. „Се складираат безброј тенкови и секако се прашувам: Зошто Русија го прави ова? Што прави Путин? Можеме само да шпекулираме за тоа.“ Но, важно е да се подготвиме за „вонредната состојба за која предупредуваат тајните служби“, додаде Кубилиус.
Литванецот се залагаше за повисоки трошоци за одбраната уште по изборната победа на Доналд Трамп во ноември. ЕУ мора да троши повеќе за својата одбрана „не затоа што ова е барање од претседателот (Доналд) Трамп, туку поради (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече тој. Тој алудираше на заканата на идниот американски претседател Трамп дека ќе го раскине пактот за помош на НАТО доколку сојузниците не ги зголемат трошоците за одбрана.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го номинираше поранешниот шеф на литванската влада за новата функција комесар за одбрана во средината на септември. Комисијата претпоставува дека ќе бидат потребни дополнителни 500 милијарди евра за заштита на Европа од Русија во следните десет години. Според досегашните информации, Кубилиус не исклучува нови заеднички долгови како оние во пандемијата на коронавирус. Сепак, Германија досега го отфрли ова.
Новата Комисија на ЕУ под Урсула фон дер Лајен официјално ја презеде функцијата на 1 декември. Заедно со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, 67-годишниот конзервативец Кубилиус сака да претстави стратешки документ за безбедноста и одбраната во првите сто дена на функцијата.