1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европејците на средба со Зеленски

ЕМФ / дпа
19 декември 2024

Врвните претставници на европските држави кои се членки на НАТО имаа доверливи разговори за тешката ситуација во Украина и дополнителните опции за поддршка на земјата во војна

https://p.dw.com/p/4oLLE
Белгија, Брисел | Украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во БриселФотографија: Olivier Matthys, Pool Photo via AP/picture alliance

Околу еден месец пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата претседател на САД, врвните претставници на европските држави кои се членки на НАТО имаа доверливи разговори за тешката ситуација во Украина и дополнителните опции за поддршка на земјата во војна. Според информациите на германската агенција ДПА, на состанокот во Брисел, организиран од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во средата доцна навечер (18.12.), учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц и шефовите на држави и влади на Полска, Италија, Данска и Холандија. Таму беа и украинскиот претседател Володимир Зеленски, министрите за надворешни работи на Франција и Велика Британија, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.

Зеленски денеска треба да присуствува и како гостин на самитот на ЕУ. Засега нема детали за текот на дискусиите водени во текот на ноќта и можните резултати од нив. Зеленски и другите учесници сакаат да одржат прес-конференции на самитот на ЕУ.

Европејците сакаат да го стават Киев во силна преговарачка позиција

Позадина на неформалниот состанок во резиденцијата на Руте во Брисел беше тешката воена ситуација за украинските вооружени сили на истокот од земјата и сценариото дека Трамп, како претседател на САД, би можел да се обиде да изврши притисок врз Украина и Русија да преговараат. Во Киев се стравува дека тој би можел да ѝ се закани на Украина дека ќе ја прекине воената помош доколку таа одбие преговори. Во однос на Русија, пак, тој би можел да му се закани на рускиот претседател Владимир Путин со зголемување на воената помош за Киев доколку шефот на Кремљ одбие да преговара.

За европските НАТО-држави се поставува прашањето како Украина може да се стави во позиција да води можни мировни преговори со Русија од позиција на сила. Во овој контекст се разговара за нови испораки на оружје, но и за распоредување на мировници за да се обезбеди евентуален прекин на огнот. Зеленски вчеравечер, пред разговорите, рече дека на Украина краткорочно ѝ се потребни повеќе системи за противвоздушна одбрана. Станува збор и за безбедносни гаранции „за денес и за утре“.

Пред состанокот, Руте повика на дополнителна поддршка и предупреди да не се водат големи јавни дебати за можниот договор меѓу Украина и Русија. „Ако сега разговараме меѓу себе како би можел да изгледа таков договор, ќе им олесниме на Русите. Тие седат опуштени во своите фотелји, ги слушаат нашите дискусии, пушат пура со задоволство и сето тоа го гледаат на телевизија“, рече тој. „Мислам дека тоа не е корисно“. Руте додаде дека во демократските држави, се разбира, неизбежно е за сите овие работи да се дискутира отворено. Од негова гледна точка, сепак, би било мудро тоа да се „ограничи малку“ и потребна е концентрација на она што е важно - т.е. Зеленски и Украина да се направат толку силни што би можеле да започнат разговори со Русите ако тие самите мислат дека треба.

Белгија, Брисел | Францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Францускиот претседател Емануел Макрон не учествуваше на состанокот во резиденцијата на Руте, но претходно имаше билатерална средба со украинскиот претседател ЗеленскиФотографија: Nicolas Tucat, Pool Photo via AP/picture alliance

Руте и Стармер не присуствуваа на состанокот

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој постојано покажува отвореност за испраќање војници, не учествуваше на состанокот во резиденцијата на Руте - иако претходно вечерта беше во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан, а потоа имаше и билатерална средба со Зеленски. Како причината беше наведено дека Макрон треба да го посети островот Мајот, француска прекуморска територија во Индискиот Океан, кој беше опустошен од циклонот „Чидо“. Како и британскиот премиер Кир Стармер, Макрон на средбата беше застапуван од министерот за надворешни работи. Тоа значи дека единствените две европски држави на НАТО кои имаат нуклеарно оружје не беа претставени на највисоко ниво.