1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Европската унија немоќна против кинескиот Тему?

Ник Мартин
7 декември 2024

Лажни попусти, увоз на нелегални производи: ЕУ има силни обвинувања и презема мерки против дисконт платформата Тему. Но, дали нејзиниот триумф воопшто може да биде запрен?

https://p.dw.com/p/4nJqE
Фотографија креирана од вештачка интелигенција на тема „Може ли ЕУ да го запре Тему?“
Фотографија креирана од вештачка интелигенција на тема „Може ли ЕУ да го запре Тему?“ Фотографија: DW

Секој што ќе ја соочи кинеската платформа за е-трговија Тему со обвинувањата од ЕУ, ќе го добие токму она што го добиваат стотици илјади клиенти секој ден: многу мали пакети. Во овој случај, многу мали пакети текст, речиси целата должина на овој текст. Во една од нив Тему го уверува ДВ дека „целосно ќе соработува со регулаторните органи“.

Тему е навикнат да реагира на обвинувањата, бидејќи тие не стивнуваат: на почетокот на 2024 година, Европската асоцијација на производители на играчки откри безбедносни ризици во 95 отсто од детските играчки што ги продава Тему.

Од ноември, притисокот стана уште поголем:  ЕУ покрена постапка против оваа платформа.  Списокот на обвинувања е долг: пред сѐ    се работи за нелегален увоз на производи кои не ги задоволуваат  стандардите на ЕУ.  Но и за лажни попусти, лажни критики, дефицитарни информации за трговците на мало, како и дизајн на производи што, особено кај помладите, доведува до речиси зависно однесување при купувањето.

Кој е бизнис моделот на платформата Тему?

Тему е достапен во САД од септември 2022 година. Идејата беше да им се овозможи на Американците пристап до кинески производи. Оттогаш, пазарот рапидно растеше ширум светот. Без разлика дали се работи за прашок за белење на заби, преса за лук или ножици - платформата Тему нуди илјадници артикли по непобедливи ниски цени. Предметите доаѓаат како пакети и главно директно од Кина. Проценките покажуваат дека во Германија секојдневно пристигнуваат по 400.000 пакети само од Тему и кинеската модна платформа Шеин.

Платформата може да понуди пристапни цени бидејќи функционира исклучиво како посредник. Секој што нарачува од Тему обично го добива својот пакет директно од складиштето на производителот или продавачот на мало во Кина. Тему управува со финансискиот дел од трансакцијата и, во некои случаи, со испораката. Во секој случај, Тему делува само како посредник и добива провизија за ова.

пакети од Тему
Во Германија и во ЕУ секојдневно пристигнуваат илјадници пакети од ТемуФотографија: Nikos Pekiaridis/NurPhoto/picture alliance

Затоа, Тему може речиси целосно да ги отфрли скапите магацини и на тој начин да заштеди трошоци. Сепак, ова води до подолго време на испорака. Но, тука лежи деловниот успех. „Тему постигнува значително пониска цена благодарение на долгите времиња на испорака“, објаснува експертот за онлајн малопродажба Александар Граф: „Западните платформи за е-трговија очигледно предолго се потпираа на пократко време на испорака“. Плус, вели Граф, апликацијата на Тему „ги тера потрошувачите почесто да купуваат“. Успехот докажува дека  деловниот модел на Тему  е точен: според Епл, таа била најсимнуваната апликација за смартфон на годината во 2023 година. 

„И Тему, исто така, сериозно се натпреварува со водечкото име во онлајн малопродажбата“, вели Граф, еден од директорите на Spryker, софтверска компанија за е-трговија: „Амазон, со својата главна платформа, има проблеми да се натпреварува со конкурент од Кина. Затоа, во САД, компанијата ја лансираше продажната платформа 'Amazon Haul' за да се спротивстави на Тему, и оваа платформа работи на принципот на широк спектар на многу евтини артикли со значително подолго време на испорака отколку на матичната Амазон. 

Кој стои зад платформата Тему?

Кинеската матична компанија PDD Holdings, која котира на американската берза, стои зад оваа апликација за тргување, околу која се толку загрижени службите за заштита на потрошувачите, Амазон и Европската унија. Најважниот основен бренд на ПДД ја вклучува платформата за е-трговија Pinduoduo, која е во сопственост на кинескиот милијардер Колин Женг. Конкретните бројки за продажбата и профитот на Тему не се појавуваат на билансот на состојба на ПДД Холдингс и групацијата останува шкрта на зборови.

 Колин Женг, шеф на компанијата Пиндуодуо
Само ретко во јавноста - Колин Женг, шеф на компанијата ПиндуодуоФотографија: VCG/Imago

Тему работи и во Германија од април 2023 година. Но, колку луѓе работат за Тему овде не е откриено. „Како дел од ПДД Холдингс на листата на NASDAQ, Тему не открива посебни финансиски или оперативни податоци“, велат од компанијата на прашањето на ДВ.

Тему останува смирен

По онлајн платформата за малопродажба Алиекспрес (Aliexpress), ЕУ сега отвори втор случај против кинеска платформа за е-трговија. ЕУ може да го стори тоа бидејќи ја класифицираше Тему како таканаречена „голема  платформа". Ова ги вклучува сите платформи кои, според нивните сопствени изјави, имаат повеќе од 45 милиони корисници. Тие потпаѓаат под т.н Закон за дигитални услуги (ДСА) и врз основа на овој закон, сега се отвора постапка.

Тему сега има време до почетокот на декември да ги разјасни отворените прашања. Доколку тоа не се случи, платформата ќе се соочи со високи казни. Тему за ДВ изјави: „Ќе соработуваме целосно во оваа истрага“. Се верува дека истрагата на крајот „ќе им користи на потрошувачите, трговците и платформата на долг рок“, изјави за ДВ портпаролот на Тему.

Успех со помош на даночни трикови?

Но, критичарите големиот проблем го гледаат на сосема друго место. Во ЕУ може да се увезува стока под 150 евра без царина. Даночниот експерт Роџер Готман претпоставува дека бизнис моделот на пазарот се заснова и на оваа таканаречена безцаринска граница: „Повеќето нарачки од Тему остануваат под 150 евра“. Заклучок: без ова царинско олеснување, Тему не би можел да понуди толку ниски цени.

Исто така, може да го забави растот на Тему, според Готман, даночен експерт и директор на Taxdoo, систем за обработка на е-трговија. Тој смета дека Тему дава специјални „корпи" за секој производ за „да остане под бесцаринската граница дури и за поголеми нарачки“. Царинските проверки, како што вели тој, секако би го потврдиле ваквиот пристап.

И покрај бесцаринското ограничување, се применува т.н данок на промет на увоз. Тему е регистриран во Ирска каде би требало да плаќа даноци на промет. Ирска тогаш теоретски треба да ги дистрибуира до земјите на ЕУ.

Тему е на успешен пат

„Но, размената на податоци е сложена и ретко се спроведува во пракса“, критикува Роџер Готман. Затоа, тој се залага за поефикасна контрола на продажните платформи како Тему и за спроведување на постојните закони. Целно „вооружување“ на властите со модерни алатки за анализа исто така би биле од помош, вели ова експерт. Тему, од друга страна, противречи на ваквите претстави: „Растот не зависи од даночната слобода“, се вели. Тие, исто така, ги негираат тврдењата дека намерно ги делат нарачките на помали за да избегнат царински контроли.

Царинската слобода одамна е трн во око на  Европската Комисија.  Тој предлага укинување на бесцаринската граница до 2028 година и воспоставување централна платформа за податоци на ЕУ за да се обединат сите релевантни царински податоци.

Притисокот на пазарот се зголемува на сите нивоа. Сепак, експертот за е-трговија Александар Граф не верува дека триумфалниот напредок на Тему може да се запре и го наведува успехот на матичната компанија Пиндуодуо. „Во рок од пет години ги надминаа постоечките платформи во Азија. Во секој случај, мора да се прилагодите на новиот бизнис модел на Тему. Затоа што тешко дека ќе се намали бројот на пакети од Кина."