Франција се соочува со криза: владата може да падне во среда
3 декември 2024Сите зборуваат за политичкиот хаос во Франција : Владата на Мишел Барние стравува дека ќе биде загрозена стабилноста на земјата, опозицијата од левицата ја обвинува дека не прави ништо за интересите на мнозинството француски граѓани, а истите критики кои доаѓаат и од опозициската десница.
Екстремно десничарската партија Национален собир (РН) на Марин Ле Пен тврди дека премиерот Барние и претседателот Емануел Макрон го предизвикале хаосот. Вистина е дека постои голема веројатност Франција, втората по големина економија во Европската Унија, да остане без влада во среда. Причината е повеќемесечниот спор за буџетот за следната година.
Премиерот го заобиколи Собранието
Барние сакаше да наметне невообичаени мерки за штедење во Франција. Опозициската левица и десница не сакаа - барем не во таа форма. Затоа Барние без гласање во парламентот го усвои социјалниот буџет, клучен дел од неговите планови. Ваков чекор е овозможен со Уставот (член 49.3).
Сегашната ситуација и растечкиот национален долг на Франција не му оставија избор, рече Барние во парламентот, додека опозицијата гласно протестираше: „Во овој момент се работи за одбрана на интересите на нашата земја и нејзиното влијание во Европа и светот. Затоа посегнувам кон членот 49“.
Сепак, овој потег има цена: гласањето за недоверба на владата е закажано за в среда. Партиите кои го сочинуваат левичарскиот сојуз наречен „Нов народен фронт“ сакаат да ја соборат владата на Барние. Исто како десничарскиот Национален собир.
Барние се обиде да го придобие Националното собрание
За лидерката на Националното собрание, Марин Ле Пен, која ја предводи пратеничката група на таа партија во парламентот, ситуацијата е јасна: Барние не сакаше да го прифати она што го бараа 11-те милиони гласачи на нејзината партија. Наместо тоа, премиерот ги повика сите граѓани индивидуално да преземат одговорност. „И токму тоа ќе го направиме сега“, рече Ле Пен.
Барние се обиде да и излезе во пресрет: нема да се зголеми данокот на струја за милиони потрошувачи во Франција, ниту партиципацијата за лекови. Ле Пен го постави тоа како црвена линија. Сепак, нејзината партија исто така побара отстапки за укинување на автоматското зголемување на пензиите приспособено според инфлацијата - но не ги доби.
Левица гледа дека волјата на гласачите се игнорира
Левата опозиција воопшто не се согласуваше со буџетските планови и пред неколку недели веќе започна гласање за недоверба на владата на Барние. Сепак, тоа не успеа. И Матилда Пано, претставничка на левицата во парламентот од партијата Непокорена Франција, смета дека е игнорирана волјата на гласачите. Затоа новиот Народен фронт ќе го поддржи тоа гласање на недоверба“, рече таа.
Многу е веројатно дека екстремната десница и левица ќе гласаат заедно за соборување на Барние и неговата влада. Таквата ситуација е нешто ново во Франција. Доколку навистина падне владата во среда, целосно е неизвесно како понатаму ќе се развива политичката ситуација во земјата.
Дали Макрон ќе тргне по сосема нов пат?
Во тој случај, претседателот би морал да именува нов премиер или премиерка. Но, тоа не би го променило односот на силите во парламентот.
Според парискиот политиколог Ив Синтомер, можно е Макрон како претседател да тргне по сосема непознат пат.
„Макрон може да направи нешто како нов почеток со големи конвенции (јавни дискусии) меѓу населението“, вели Синтомер. На овој начин, претседателот би можел да добие мислење од граѓаните за големи прашања како климата или буџетот. „Макрон потоа може да формира техничка влада, се додека е потребно“, додава тој.
Ле Пен под притисок
Но, се чини дека тоа нема да се случи. Ле Пен веројатно се надева дека Макрон ќе поднесе оставка. Затоа што претседателот сноси целосна одговорност и сега мора да донесе клучни одлуки.
Предвремените претседателски избори за Ле Пен ќе бидат можеби последната шанса да стане претседателка на Франција. Работи на тоа со години, но сега и истекува времето. Во моментов ѝ се суди за злоупотреба на фондовите на ЕУ, а на крајот може да го загуби правото да учествува на изборите - освен ако изборите не се одржат пред пресудата.
Сепак, повлекувањето на Макрон е малку веројатно. Тој сам ја отфрли можноста да поднесе оставка пред крајот на неговиот мандат во 2027 година. Во моментов, малку работи се политички сигурни во Франција, освен фактот дека ситуацијата е навистина хаотична.