1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската десничарска партија АфД сака послушна младина

АРД
7 декември 2024

Десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија сака да основа нова младинска организација. Постоечката организација Млада Алтернатива стана премногу радикална – и премногу независна.

https://p.dw.com/p/4nkLo
Млада Алтернатива
Демонстрации на Млада Алтернатива во Минхен (18.02.2023)Фотографија: Sachelle Babbar/ZUMA Wire/IMAGO

Млада Алтернатива (Junge Alternative, JA), младинската организација на партијата Алтернатива за Германија (АфД) , веќе некое време е под надзор на Германската служба за заштита на уставниот поредок. Но, тоа не е вистинската причина поради која оваа партија, чии делови се сметаат за екстремно десни, сака да ја формира својата нова младинска организација.

На почетната страница на Млада Алтернатива е истакнат слоганот „Младите во отпор“, а во позадината се прикажува забрзано монтирано видео од протест на Млада алтернатива, кое се врти без престан и на кое, се чини, се гледа лице кое го гестикулира поздравот на Хитлер. 

Погледот на програмата на Млада Алтернатива открива тематски сличности со матичната партија АфД , но Млада Алтернатива повремено се појавува со порадикални слогани како „Нашиот народ на прво место!“. На Инстаграм промовираат „ремиграција“, и тоа не како некој „таен план, туку како ветување“, а на 31 октомври објавуваат честитки за „Среќен ден на ремиграцијата“.

Млада Алтернатива ги отфрла „ЛГБТК/родовиот апсурд“, „масовната миграција“ и „корона-режимот“. Програмскиот пасус за „германскиот народ“ сега го кријат зад лозинката на нивната веб-страница.

Млада Алтернатива „го нарушува човечкото достоинство“

Поради ваквите ставови, германската Служба за заштита на уставниот поредок ја класифицира Млада Алтернатива во категоријата „потврдена екстремно десничарска организација“. Со тоа е овозможено да се следи со помош на тајни методи.

Млада Алтернатива
Слоганот на Младата Алтернатива на неодамнешниот митинг во Бранденбург: „Нашата татковина - нашата иднина“Фотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Против ова и Млада Алтернатива и АфД поднесоа тужба пред Управниот суд во Келн, но безуспешно. Во февруари судот заклучи дека Млада Алтернатива е „екстремистичка организација“. Судот смета дека Млада Алтернатива се залага за „дефиниција на нацијата заснована на етничко потекло“, при што мигрантите се „омаловажуваат и на тој начин се лишуваат од човечкото достоинство“ - чија неповредливост и заштита е запишана на почетокот на германскиот Устав.

Посилна врска меѓу младите и АфД

Иако АфД успеа да ги освои гласовите на младите гласачи на последните избори во Германија, благодарение на подмладокот, партијата јасно верува дека ситуацијата станува премногу ризична. Иако лидерката на АфД, Алис Вајдел, во интервју за германскиот јавен сервис АРД изјави дека одлуката за формирање нова младинска организација нема никаква врска со надзорот на Службата за заштита на уставниот поредок, се чини дека партијата сака поголемо влијание врз младите, особено пред изборите во февруари.

АфД стравува дека недостатокот на влијание врз сопствената младинска организација може да стане проблем. Особено што сè повеќе критичари бараат забрана на АфД, а Сојузната канцеларија за заштита на уставниот поредок продолжува да собира докази за тоа колку АфД како партија е генерално екстремна.

Алис Вајдел
Претседателката на АфД, Алис Вајдел сака да го контролира подмладокот на партијатаФотографија: Bernd Elmenthaler/Geisler-Fotopress/picture alliance

Во моментов, Млада Алтернатива е правно независна асоцијација со сопствен статут, програма и членство. Идната младинска алијанса треба да биде дел од АфД. Предноста на овој модел, според Вајдел, е што партијата би можела да влијае врз членовите на организацијата преку арбитражни правила, што сега не е можно. Планирано е и секој член на младинската организација автоматски да стане член на АфД. Во моментов, само половина од 2.400 членови на Млада Алтернатива се членови на АфД.

Денис Холох од Млада Алтернатива вели дека одлуката за реорганизација на младите нема никаква врска со оценката на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок дека организацијата е десничарско екстремистичка. Тој подготвил писмено барање за реорганизација по налог на извршниот комитет на АфД и добро ја знае перспективата на Млада Алтернатива, чиј член е и тој. „Станува збор за овозможување на партијата и на младинската организација да растат заедно“, рече Холох во интервју за АРД „За мене е важно да имаме функционална младинска организација во иднина“.

АфД
Алтернатива за Германија е во подем - демонстрации на АфД пред зградата на Бундестагот во БерлинФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Нова организација пред изборите

Доминик Шумахер од Сојузната асоцијација за мобилен консалтинг, која се занимава со прашања на десничарскиот екстремизам, смета дека партијата сака да го ослабне притисокот: „Овој потег покажува дека партијата се плаши од забраната и сака да го спречи развојот на настаните. Проблемот не е само во Млада Алтернатива - проблемот е самата АфД“.

АфД планира да формира нова младинска организација пред изборите, за што ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови на партискиот конгрес во јануари за да се промени партискиот статут. Еден од моделите предвидува дека секој член на партијата помлад од 36 години автоматски станува член на младинска организација.

Млада Алтернатива засега не ги коментира овие предлози.