Јануарски бран на незадоволство и протести
13 јануари 2025Ескалираше незадоволството кај вработените од шест министерства и од Државниот завод за статистика, кои на стартот на новата година најавуваат предупредувачки протест којшто ќе се одржи во вторник, 14 јануари. Засега се очекува на протест да излезат вработените од Министерство за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и вработените од Државниот завод за статистика. Тие бараат потпишување на колективни договори, со коишто вработените ќе имаат 30 проценти додаток на плата. Претходно со штрајк своето незадоволство го изразија и вработените во Државното правобранителство на Северна Македонија.
Во вторник од 11 до 11.30 часот вработените во неколку министерства ќе излезат на предупредувачки протест пред Министерствата за животна средина и за европски прашања, но и пред неколку други министерства и институции, како резултат на незадоволство од неуважувањето на барањата на вработените за потпишување на колективни договори.
И покрај тоа што првичното барање било да се прекине со работа, првиот човек на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски за ДВ вели дека се одлучиле да не го прекинат одеднаш работниот процес и да покажат подготвеност кон државата за изнаоѓање решение. Поради тоа, незадоволството ќе го изразат само половина час во текот на денот и апелираат до Владата да најде решение како да се покачат платите.
„30 проценти е многу“
По најавата за протест доколку не се прифати барањето да добијат 30 проценти додаток на плата, министерот за јавна администрација Горан Минчев изјави дека протестот е демократско право. Во интервју за ТВ 24, тој изјави дека за ова прашање треба да се разговара со повеќе министерства, пред сѐ во Министерството за финансии, за евентуални дополнителни средства во државниот буџет со кој ќе се овозможат тие 30 отсто.
„Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно“, рече Минчев.
Зголемување од 6.000 денари
Но, првиот човек на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски вели дека Владата мора да има разбирање за нивните барања. Според него, ова барање не е од вчера, туку веќе шест-седум години наназад се инсистира да се реши проблемот со платите на вработените во администрацијата, особено буџетските корисници од прв ред, бидејќи тие вработени останале со најниски плати.
„Во јавноста се проширија многу информации, но треба да се знае дека ние бараме најмногу за најниско платените вработени, за кои 30 проценти значи зголемување на платата за 6.000 денари. Ниту повеќе ниту помалку. Ако сакаме да имаме јавна администрација која ќе биде ефикасна и мотивирана, мора да направиме нешто прво тие да добијат задоволувачка плата, а потоа да можеме да зборуваме дали работат или не“, вели Деаноски.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета дека решавањето на прашањето за зголемување на платите зависи од достапните средства што Министерството за финансии може да ги обезбеди. „Не може преку ноќ да се надминат проблеми кои се таложеле 30 години“, вели тој, додавајќи дека во буџетот има огромни дупки.
Според него, во изминатите пет месеци е креиран пакет од четири закони кои треба да ја реформираат јавната администрација. Законите, кои се во фаза на јавна расправа до 27 јануари, опфаќаат вработување, административни службеници, стручно усовршување и инспекциски надзор. Според Минчев, само 30-40% од административците ја извршуваат својата работа, додека во некои институции има дефицит од кадар, а во други има превработеност. За решавање на овој проблем, ќе се спроведат едукации за вработените со цел подобра ефикасност.