Ќе се исчисти ли „под тепихот“ во обвинителскиот двор?
5 декември 2024Неефикасност во кривичниот прогон, ривалитет или несогласувања меѓу обвинители со оние од поранешното СЈО, до сомнежи за намерен паралелизам во постапките, се само дел од проблемите кои испливаа на површина, по јавните критики за бавно постапување на обвинители во повеќе случаи.
Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, не остана имун на критиките. Со негова одлука од вчера сите јавни обвинители од Јавното обвинителство на Северна Македонија (ЈОРСМ) вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, раководено од Ислам Абази. Две години од неговиот избор на чело на ОЈО ГОКК, тој остана невидлив за јавноста и што подалеку од одговори на новинарски прашања. По неговиот неодамнешен отчет за работата пред Советот на јавните обвинители, каде презентира статистички податоци, со претежно набројување на дела против трговија со дрога и криумчарење мигранти, на забелешката од новинари дека не кажал ништо за случаи со корупција кај високи функционери, тој на заминување само кусо прокоментира: „Ако де. Тоа е сега, здравје...“
Предлози за дисциплински постапки
„Одлуките на Коцевски направија одредено раздвижување“, велат обвинители, но не сакаат јавно да коментираат пред да ги слушнат наодите од надзорот.
„Обвинителите се свесни за критиките од јавноста дека некои постапки, особено оние од јавен интерес, не одат со посакуваната брзина, односно изгледа како да се ‘заборавени’. Одговорот зошто е тоа така е сплет на цел комплекс од причини. Нема да го ставам во преден план прашањето на ресурси - кадровски, истражни, технички, како и голем прилив на предмети, за да не прозвучи како оправдување. Она што јавноста со право сака да го знае - е дали имало брз, навремен ефикасен институционален одговор. Односно, дали има случаи каде неоправдано се одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење. Контролата треба да даде таков одговор“, вели обвинител.
Претходно, таква контрола беше извршена во сите виши јавни обвинителства во државата. Врз основа на конечниот извештај и наодите за констатираните состојби, Коцевски одлучи да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение.
Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатирани неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје.
„Иницирањето на дисциплинската постапка е уште една потврда за посветеноста на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење“, соопшти ЈОРСМ.
Хајрулахи со серија критики
Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, кој претходно беше и суспендиран поради истрагата за злоупотреба на службена положба и малтретирање вработени, го обвини Коцевски дека на тој начин сака да го замолчи и дека му вршел притисок во предметот со бонусите на СЈО, со цел на партијата ВМРО-ДПМНЕ да не ѝ се даде статус на оштетена. Коцевски таквите наводи ги демантираше.
Хајрулахи обвини и дека обвинители кои го вршеле надзорот во Вишото јавно обвинителство Скопје имале конфликт на интереси, што во старт не требало да биде дозволено. Тој во јавен настап изјави и дека посебното Одделение за сериозен и сложен криминал, (формирано во септември годинава во рамки на ОЈО Скопје) е паралелизам, односно пандан на Обвинителството за гонење организиран криминал. Според Хајрулахи, тоа е „инка“, направена за да може сите нови кривични пријави кои ќе бидат поднесени против поранешни функционери да се структуираат во едно одделение, за да има јасна контрола и цел, како со тие предмети да се постапува во иднина.
За ова и за сите други прашања и обвинувања се очекува јавноста да добие дополнителни одговори на брифингот за новинари што Јавното обвинителство го закажа на11-ти декември.
„Наскоро ќе се види дали и што има ‘под тепихот’ и каква е целта - дали темелно ќе се чисти или само делумно ќе се подзачистува? Недовербата што сега постои сигурно не дозволува половични решенија“, вели нашиот соговорник.
До крајот на годината ќе биде извршен надзор и над постапувањето на Одделението за меѓународна правна помош и над Канцеларијата за врски со Европравда. Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства, донесен од Советот на јавните обвинители.
Приоритет - дела од корупција и од особен јавен интерес
Републичкиот јавен обвинител, како што беше завчера соопштено од ЈОРСМ, „со исклучителна сериозност ги земал апелите од извршната власт и од јавноста воопшто за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата“. Тој сега презема чекори за сериозна реорганизација на силите Јавното обвинителство која овозможува поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата.
За таа цел Коцевски донел Задолжително упатство со кое се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес.
„На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции“, соопшти ЈОРСМ.
Ако по издадените наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување. Основните јавни обвинители на основните јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на Упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во основните јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата по број на предмети, подносители, преземени дејствија и активни издадени наредби, ќе ги анализираат предизвиците при постапувањето во таквите предмети и ќе изнесат предлози за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.
Исто се однесува и за вишите јавни обвинители. За тие активности треба да бидат доставени извештаи до републичкиот јавен обвинител, а доколку биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители.