Комунални полицајци ќе го чешлаат ѓубрето на граѓаните
23 декември 2024Со измени во Законот за локална самоуправа во Македонија ќе се воведува комунален надзор кој ќе биде под надлежност на општините, најави министерот за локална самоуправа Златко Перински од состанок во Битола со градоначалниците од целата земја.
Идејата е со новото законско решение да се модернизира актуелниот Закон за локална самоуправа, а освен зајакнувањето на улогата на комуналните служби, се предвидува и можноста за отповикување на градоначалниците.
Комуналните полицајци во иднина ќе имаат поголеми ингеренции во делот на контролата на постапките на граѓаните, а надлежните се надеваат дека тоа ќе го намали несоодветното фрлање на ѓубре, и постапувањето со урбаната опрема.
„На овој начин ќе се превенираат девијантни појави на мала група граѓани кои што секојдневно несоодветно депонираат и одлагаат отпад, несоодветно постапуваат со урбаната опрема за која што локалните самоуправи издвојуваат значајни средства од своите буџети", изјави Перински.
Во Општините и досега постоеја одделенија со комунални инспектори, но тие, или немаат ингеренции за постапување или пак пријавите тешко се процесуираат низ правниот систем.
„Се соочуваме со огромен број проблеми. Со нашето доаѓање пред три години се обидовме да ангажираме луѓе и од постоечкиот капацитет на локалната самоуправа, но и надворешни кои беа добро брендирани и означени, за да направат ред“, вели градоначалникот на Битола Тони Коњановски. Но, според Коњановски, акцијата пропаднала поради недостатокот на ингеренции и неможност за процесуирање.
Отповикување на градоначалници
Главната иницијација во законските измени, според Перински, е можноста за отповик на градоначалник.
„Станува збор за системски Закон за кој што се потребни две третини од Собранието и секако Бадентер за негово донесување. Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи“, вели Перински.