Венецуела: Инаугурација на Мадуро и нови санкции
11 јануари 2025И покрај обвинувањата за изборна измама од страна на опозицијата и меѓународните критики, авторитарниот венецуелски претседател Николас Мадуро положи заклетва за трет шестгодишен мандат.
Законодавната палата во Венецуела, каде што положи заклетва и одржа жесток говор, беше под строг надзор од безбедносните сили. Толпа луѓе, од кои многумина носеа маички за поддршка на Мадуро, се собраа на соседните улици и на блискиот плоштад.
Мадуро ги обвини своите противници и нивните поддржувачи во САД дека се обидуваат да ја претворат неговата инаугурација во „светска војна“. Тој рече дека неуспехот на неговите непријатели да ја блокираат неговата инаугурација за трет, шестгодишен мандат е „голема победа“ за мирот и националниот суверенитет на Венецуела.
„Денес повеќе од кога било ја чувствувам тежината на посветеноста, моќта која ја претставувам, моќта која ми ја дава Уставот“, рече тој.
Државната телевизија соопшти дека присуствувале 10 шефови на држави. Но, многу повеќе влади ширум светот ги отфрлија неговите тврдења за победа, посочувајќи на докази кои покажуваат дека победил неговиот противник, Едмундо Гонзалес.
Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, Канада, Велика Британија и ЕУ, кои не го признаваат изборот на Мадуро за неговиот трет мандат, објавија нов пакет санкции против повеќе од 20 функционери, обвинувајќи ги дека ја загрозуваат демократијата на Венецуела. Меѓу нив се судии од Врховниот суд, од изборната комисија, шефот на државната нафтена компанија на Венецуела и министри од кабинетот.
Стотици Венецуелци излегоа на улиците да протестираат против Мадуро. Протестот помина релативно мирно, но по неговото завршување, популарната поранешна пратеничка Марија Корина Мачадо, лидерка на венецуелската опозиција, беше накратко приведена кога нејзиниот конвој со мотоцикли беше пресретнат од безбедносните сили.
Мачадо, на која владата ѝ забрани да се кандидира, излезе од повеќемесечно криење за да се приклучи на митингот и побара Гонзалес да положи заклетва наместо Мадуро. Поддржувачите на Мадуро негираа дека таа е уапсена, обвинувајќи ги неговите противници дека шират лажни вести за да предизвикаат меѓународна криза.
Гонзалес, кој во септември замина во егзил во Шпанија, вети дека ќе се врати во Венецуела за да положи заклетва. Тој се соочува со апсење доколку го стори тоа.