Магдебург: Нападот на Божиќен пазар – дело на поединец
21 декември 2024Најмалку две лица загинаа во нападот на божиќниот пазар во Магдебург во петокот вечерта. Како што потврди премиерот на покраината Саксонија-Анхалт, Рајнер Хазелоф (ЦДУ), еден возрасен и мало дете загинале кога автомобил влетал во толпата. Дел од повредените лица се згрижени во Универзитетската болница во Магдебург, а дел пренесени во болниците во Хале.
Осомничениот е уапсен, како што потврди Хаселоф. Станува збор за лекар од Саудиска Арабија кој во 2006 година дошол во Германија и живее во Саксонија-Анхалт. Хазелоф претпоставува дека станува збор за сторител поединец. Истрагата е во тек, на пример за можниот мотив. Според зборовите на премиерот, мажот со изнајмен автомобил влетал во толпата.
Според информациите од безбедносните кругови, 50-годишникот претходно не им бил познат на германските власти како исламист. Се вели дека неодамна работел како лекар во областа на психотерапијата во Саксонија-Анхалт. Според истражувањето на ВДР и НДР, тој се сметал за многу истакната личност во саудиската егзилска заедница и за лице за контакт со барателите на азил, особено жените. Тој има статус на азилант како политички бегалец од 2016 година. Изјавите за кои се твдди дека сторителот до неодамна ги давал на социјалните мрежи упатувале на можноста дека се чувствувал прогонуван и дека се плашел од исламизација на Германија.
Во возилото на осомничениот сторител не е пронајдена експлозивна направа, како што објасни Трејси Херинг од полицијата во Магдебург. Областа околу автомобилот претходно била опколена, бидејќи полицијата се сомневала дека има експлозивна направа. Според информациите на магазинот „Шпигел", се работи за црно возило БМВ, кое поминало „најмалку 400 метри низ божиќниот пазар“ во 19:04 часот. Според јавниот сервис МДР, градот формирал кризен тим во градското собрание. Полицијата има воспоставено граѓанска телефонска линија за роднините и портал на кој може да се поставуваат информации како слики и видеа. Градоначалничката на Магдебург Симоне Борис најави заеднички меморијален час во катедралата во Магдебург во сабота во 19 часот.
Шокираност и сочувство
Канцеларот Олаф Шолц напиша на X: „Извештаите од Магдебург сугерираат нешто лошо“. Неговите мисли се со жртвите и нивните семејства. „Мојата благодарност оди до посветените спасувачи во овие вознемирувачки часови“. Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер исто така изрази шокираност. „Очекувањето на мирен Божиќ ненадејно беше прекинато од извештаите од Магдебург“, објасни тој на X. Според Хазелоф, Шолц ќе отпатува за Магдебург во сабота.
Вицеканцеларот и кандидат за канцелар на Партијата на зелените, Роберт Хабек, зборуваше за „страшни вести од Магдебург, каде луѓето сакаа да го поминат предбожиќното време во мир и заедништво".
Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД)ја нарече веста од Магдебург „длабоко шокантна“. Службите за итни случаи прават се што можат „да се грижат за повредените и да спасат животи“. Нејзините мисли се со жртвите и нивните семејства. „Безбедносните органи ќе ја разјаснат позадината. Фезер ја увери покраинската влада на Саксонија-Анхалт дека сојузната влада ќе помогне во истрагата. Таа исто така, сака да отпатува во Магдебург со Шолц денеска (сабота).
Фридрих Мерц, кандидатот на Унијата за канцелар, исто така, изрази сочувство: „Ова е многу депресивна вест од Магдебургж. Моите мисли се со жртвите и нивните блиски. Им благодарам на службите за спасување кои на лице место се грижат за повредените“, напиша тој на Х.
Лидерката на АфД, Алис Вајдел на платформата Х напиша: „Сликите од Магдебург се шокантни! Моите мисли се со ужалените и повредените. Кога ќе заврши ова лудило?
Пред речиси точно осум години, на 19 декември 2016 година, исламистички терорист влета со киднапиран камион на божиќниот пазар на Брајтшајд плоштадот во Берлин. Загинаа 12 лица, 13-та жртва почина како резултат на повредите во 2021 година. Повеќе од 70 луѓе беа повредени. Атентаторот побегна во Италија, каде што бил застрелан од полицијата.
Полицијата сега е особено внимателна и во другите градови со божиќни пазари.