1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Мануел Нојер: крај на една исклучителна фудбалска кариера

Андреас Штен-Цимонс
22 август 2024

По 15 години во тимот на германската фудбалска репрезентација, голманот на Бајерн Минхен, Мануел Нојер најави дека веќе нема да настапува во боите на германското знаме. Неговата кариера во германскиот дрес е без преседан

https://p.dw.com/p/4jlwq
Мануел Нојер
Мануел Нојер се повлекува од германската репрезентација Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

„Драги обожувачи, драга фудбалска Германијо, мораше некогаш да дојде и овој ден" – со овие зборови голманот на германската фудбалска репрезентација Мануел Нојер ја започнува неговата порака со која на Инстаграм го најави повлекувањето. „Секој кој ме познава знае дека одлуката не ми падна лесно", рече тој.

„Се чувствувам физички во добра форма и секако ќе беше предизвик да се игра и на светското првенство во САД, Мексико и Канада во 2026 година", продолжува 38-годишникот, кој има одиграно 124 натпревари за Германија. „Истовремено сум убеден дека сега е вистинскиот момент да го направам овој чекор и во иднина целосно да се посветам на Бајерн Минхен", додава Нојер чијшто договор со клубот истекува во 2025 година. 

Нојер најпрво не се изјасни околу неговата иднина во германскиот дрес, но откако Томас Милер веќе се повлече, Нојер е вториот од тимот светски прваци од 2014 година кој се одлучува на истиот чекор.  Капитенот Илкај Гундоган кој исто така неодамна се повлече, поради повреда не беше член на репрезентацијата која во Бразил пред десет години освои злато.

„Прекрасен период" од дебитирањето во 2009 година до сега

Голманот му ја соопштил одлуката на селекторот Јулијан Нагелсман во средата изутрина „во доверлив разговор со почит“, се вели во соопштението од менаџментот на Нојер. Последниот негов натпревар за германската репрезентација ќе остане  четвртфиналето на европското првенство против Шпанија,  кога Германија изгуби 1:2 во продолжението.

Рекордерот Мануел Нојер

„Беше прекрасен период, кој влијаеше на мене и на кој сум многу горд", вели Нојер, кој во 61 натпревар на репрезентацијата беше и нејзин капитен. „Победата на светското првенство во 2014 година и посебната атмосфера за време на Европското првенство во Германија годинава се ѕвездените моменти за кои сум екстремно благодарен", пишува Нојер.

Кариерата на Нојер започна на 2. јуни 2009 година кога играше за Шалке и прв пат настапи во пријателскиот натпревар на Германија против ОАЕ. По три месеца учествуваше, иако веќе беше играч во првата германска лига, под водство на Хорст Хрубеш на европското првенство за У21 и со Сами Кедира и Матс Хумелс ја освои титулата европски прваци во таа категорија. Потоа Нојер стана цврст составен дел на репрезентацијата, но беше резерва на Рене Адлер. Тој пак во пресрет на светското првенство во Јужна Африка си скрши ребро и не можеше да настапи, така што Нојер стана број 1 на голот и не го ослободи местото, со исклучок на неколку отсуства поради повреди, сѐ досега.

Рекордна кариера на германскиот гол

Нојер учествуваше на четири светски фудбалски првенства (2010, 2014, 2018, 2022 година) и на четири европски (2012, 2016, 2021, 2024) како прв голман на германската репрезентација. Тој е голман рекордер на репрезентацијата пред Зеп Мајер (95 натпревари) и голман со најмногу настапи на турнири.

Марк-Андре тер Штеген  Мануел Нојер
Марк-Андре тер Штеген ќе го наследи местото на Мануел НојерФотографија: Peter Schatz/dpa/picture alliance

Со неговите 124 настапи за репрезентацијата е петти на ранг листата на играчи со најмногу одиграни натпревари во дресот на Германија и втор со најголем број мечеви како капитен. Прв е Лотар Матеус со 75.

„Беше чест за мене до 2023 година да бидам капитен на репрезентацијата и уживав да го носам дресот на Германија", рече Нојер во своето збогување.

Неговото место сега веројатно ќе му припадне на Марк-Андре тер Штеген кој игра за Барселона. 32-годишниот уште од 2012 е во германската селекција, но до сега мораше да биде трпелив и предност да дава на Нојер. Терштеген до сега има одиграно 40 натпревари за репрезентацијата.